Несовршен простор е четврта по ред изложба, во организација на Здружението за култура Транзен. Проектот ги истражува различните простори за изложување на ликовните дела. Секоја година просторот на изложбата е различен, во потрага по совршениот простор.
„Несовршениот простор” е вечната болка на уметникот, на уметничкото дело. Одделени од ателјето, тие лутаат низ апсурдниот свет на чудата. Бездомни дела кои заглавиле низ лавиринтите на претставувањето. Чудниот спој на несинхронизирани простори, вештачки светла и самотија, молк околу сликите и скулптурите, се фантасмагорични феномени на изложувањето. Како во надреалните соништа на Франц Кафка.
Постои ли совршен простор за уметничкото дело?
Оваа година шеснаесет сликари и вајари го истражуваат феноменот на Метаморфозата.
„Кога се разбуди Грегор Самса едно утро, после немирните соништа, примети дека се претворил во една огромна бубачка која лежи на креветот…Што е тоа што се случило со мене? Тоа не е сон… “
Вака Франц Кафка го започнува својот расказ „Метаморфоза“, во кој главниот јунак (или антијунак) се буди од еден кошмарен сон, за да потоне во уште покошмарно јаве. Неговиот лик сака да ја надмине состојбата во која е заглавен, состојба на секојдневието и тој потсвесно бара излез од неа. Нашите животи се една континуирана преобразба во која согорува старото Јас. Таа преобразба, зависно од соништата кои ги сонуваме и јавето кое го живееме е или страшно сновидение, или излез и спас од кошмарниот свет на секојдневието. Уметникот е мајстор на преобразбите.
Тој ги конвертира своите модели и замисли во нешто друго, поинакво од сенките на секојдневните форми и видливи објекти. Уметникот е алхемичар во метаморфозата на секој објект, од кој произведува или нови форми или нови неформи. По операцијата која ја врши врз моделот, тој не може да остане ист. Тој се преобразува. Но, можеби најчудесниот феномен во тој креативен процес, не е самата преобразба во делото, туку преобразбата на самиот творец кој го креира тоа дело.
Творецот се преобразува во нешто друго додека го создава своето дело. И тој процес ги надминува естетските скалила на издигнување. Преобразите се неосетни, а преобразувањето остава лузни, траги. Бележењето на трагите е можеби единствениот начин да се запознаеме себеси. Од дете до старец, од ембрион до ковчег, зар постои крај на преобразбите? Не! Затоа можеби и најсилната, најтаинствената преобразба е онаа последната, онаа за која секој се родил и постоел на светот. Преобразбата на смртта во…
На изложбата „Несовршен простор, здружението Транзен секоја година ја доделува наградата Владимир Георгиевски, во чест на великанот на македонската ликовна уметност, професорот Владимир Георгиевски.
Оваа година наградата ја добива ликовниот уметник, скулпторот Андреј Митевски за скулптурата „Форма која се раѓа“. Годинешниот селектор и жири за наградата е ликовниот уметник Ниче Василев.
Творештвото на Андреј Митевски е континуирана борба со суровиот и цврст материјал, кој се преобразува во нешто ново, кревко и живо. Скаменетите форми треперат пред мермерот, каменот, травертинот, како во грч, подготвени да се ослободат од нив. Од најцврстото, се раѓа најмекото. Лист, дланка, пердув, бршлен, бесконечна билка…Судирот меѓу мекото и суровото во неговото творештво, потсетува на стиховите од Лао Це: Слабоста е сила, цврстината е слаба…
Изложбата од делата ќе биде отворена на 15 јуни во 20 00 часот, во EU House Струмица.