Тома, не срами се да го дознаеш она што го сакаш; не откажувај се да го ставиш твојот прст во Моите рани; Јас ќе го поднесам тој љубопитен прст, како што ги поднесов лутите клинци; ќе ја понесам твојата љубопитност, како злобата на јудејското безумие!

Види ги Моите раце и не мисли дека вистината за Моето воскресение е некакво вообразување. Држи ги тие раце, како залог на твојата преродба; држи ги тие раце, како залог на воскресението од гробот; држи ги тие раце, како котва за адската длабочина!

Не бој се од никаква житејска несреќа, не трепери од никаква световна бура, не плаши се од брановите на непријателскиот ветар, не мисли за подводните скали на непријателското море! Пливај смело по морето на животот, пливај, држејќи ја котвата на духот; пливај, насочувајќи се кон небото, како кон пристаниште; пливај, плашејќи се само од бродолом, т. е. од откажување од Мене!

Дај ја раката и стави ја во ребрата Мои: почести се со својата рака од саканиот пијалак од Мојот живоносен извор, и изгасни ја својата жед! Дај ја својата рака, и стави ја во ребрата Мои: и постави ја твојата десница во болницата на природата и земи лекарство за својата волја; Јас, Кој примив удар од копје, ќе го понесам допирот на саканата рака.

Дај ја својата рака и стави ја во ребрата Мои: за да можеш да се подвизуваш за Моите рани; за да можеш да зборуваш против негаторите на вистината, дека си Ме видел по воскресението, дека си Ме познал, дека сериозно си Ме почувствувал. И не биди неверен, туку верен; неверието е нешто лошо – го потиснува умот, а верата го насочува кон небото; неверието ја заслепува душата, а верата го просветува разумот; неверието не го забележува дури и видливото, а верата го согледува и невидливото; оној што не верува е во целосно незнаење; прогонувај го облакот на безверието и примај ги чистите зраци на верата!

Тома одговорил и рекол: Господ мој и Бог мој! Ти Си Господ и Бог; Ти Си Човек и Човекољубец; Ти Си прекрасен и беспримерен лекар на природата, Кој не со железо ги исцелуваш страдањата, не со изгорување ги лекуваш раните, не од тревки собираш лековити средства, не со видливи преврски ги преврзуваш тешките рани!

Ти носиш невидливи преврски на милосрдието; словото во Тебе е поостро од железото; Твојата реченица е посилна од оганот; во Тебе зборот е побрз од лекувањето! Ти, како светостроител, без труд го осветуваш созданието; како Создател, пак, без напор го преустројуваш создаденото. Господи! Верувам во Твојот домострој, верувам во Твојата снисходливост, во Твојата власт над мене, верувам во Твојот искупителен крст, верувам во Твоите страдања по плот, верувам во твојата тридневна смрт, верувам во Твоето воскресение!

На крајот, не ќе бидам веќе љубопитен; верувам и нема да бидам упорен во своето испитување; верувам со очите, верувам со десната своја рака! Излишно е да давам отчет за тоа што го видов и почувствував; се научив – не да оспорувам, а да се поклонувам; Го познав во Христа мојот Господ и мојот Бог.

Свети Јован Златоуст