Одамна, случајно, во „Ново време“, го прочитав прекрасниот фељтон на господин Ата за жените. Авторот во тој фељтон изнесе извонредно паметна и длабока мисла за жената.
„Жените“, вели тој, „се обидуваат да ни докажат дека можат да направат сè што можеме и ние мажите“. „Не само што не го оспорувам тоа“, вели авторот, „туку сум подготвен да се согласам дека жените можат да прават сè како мажите, па дури, можеби, и подобро, но маката е во тоа што мажите не можат да направат ништо, ни приближно слично, на тоа што го можат жените.“
Да, несомнено е така, и тоа не се однесува само на раѓањето, доењето и најраното воспитување на децата. Напротив! Мажите не можат да го исполнат она највозвишеното, најдоброто и она што човекот најповеќе го приближува до Бога. Тие не можат да сакаат и целосно да се предадат на она што го љубат, она што толку убаво и природно го правеле, го прават и ќе го прават добрите жени. Што би се случило со светот, што би се случило со нас мажите, доколку жените ја немаа оваа особина и кога не би ја исполнувале и покажувале?
Ние можеме без жени доктори, телеграфисти, правници, научници, писатели… но, без мајки, помошнички, другарки, утешителки, кои кај мажот го сакаат најдоброто што во него постои, и со незабележливо влијание истото го провоцираат и поддржуваат, е без таква жена би било бедно да се живее во светот.
Христос не би ги имал Своите Марии и Магдалени, Франциско Асишки не би ја имал Клара, нема на робија да има жени на декабристи; немаше да има илјадници и илјадници непознати, најдобри, како и сè што е непознато, жени утешителки на пијани, слаби, развратни луѓе, на оние на кои утехата на љубовта им треба повеќе од што било. Во таа љубов, без разлика дали е упатена кон Кукин или кон Христос, е главната, најголемата, со ништо незаменливата сила на жената.
Какво чудно недоразбирање е целото таканаречено женско прашање што ги зафати, како што и мора да биде со секоја тривијалност, повеќето жени, па дури и мажи!
„Жената сака да се усовршува“ – што може да биде полегално и поправедно од тоа?
Жената, според она на што е повикана, не треба да го прави она на што е повикан мажот. И затоа, идеалот за совршенство на жената не може да биде ист со идеалот за совршенството на мажот. Да претпоставиме дека ние не знаеме каков е тој идеал, но во секој случај, несомнено е дека не е ист со идеалот на машкото совршенство.
Но сепак, во овој момент, кон постигнување на тој машки идеал е насочена целата таа смешна и лоша активност на модерното женско движење, кое сега толку многу ги дезориентира жените.
Лав Николаевич Толстој