Ако богатството и целосното насладување од него ги сметаш само за преодни убавини, кои бргу поминуваат, и ако знаеш дека богоугодниот и добродетелниот живот е подобар дури и од најголемото богатство, ако цврсто веруваш и ако го имаш ова постојано во својот ум, тогаш нема да воздивнуваш, нема да жалиш или да се вознемируваш, кога ќе видиш дека другите бидуваат прославувани поради нивното красноречие, поради нивната ученост и нивното богатство, туку ќе Му благодариш на Бога за сè. Ненаситната желба по богатството, задоволствата, уживањето и славољубието, како и незнаењето на вистината, се најлошите страсти во човековата душа.

Умниот човек размислува за себеси, знае што му е, а што не му е корисно, што треба, а што не треба да прави. Го знае и она што е сродно со неговата душа, но и она што е штетно за неа. Така, тој со сите сили ќе одбегнува од сè што нејзе ѝ е туѓо и штетно.

Доколку некој живее умерен живот, дотолку е и поспокоен, затоа што не се грижи за многу непотребни работи: за слуги, наемници, за имот, за добиток. Ако се приврземе кон сите овие работи, тогаш бидуваме ожалостувани поради извесни неуспеси и загуби, и почнуваме да роптаме против Бога. На тој начин, доброволно се исполнуваме со неспокојство и талкаме во темнината на гревовниот живот, но и воопшто не се познаваме себеси.

Необразованите и простите луѓе се подбиваат со науката и не сакаат да слушаат за неа, затоа што таа го изобличува нивното незнаење. Тие би сакале сите да бидат како нив. Исто така, и оние што имаат лош начин на живот и кои се невоздржливи, сакаат сите други луѓе да бидат полоши од нив, мислејќи дека така барем малку ќе се оправдаат. Еве, си велат, голем е бројот на лошите луѓе. Душата пропаѓа и загинува од гревовното зло, кое е разновидно и се состои од: блуд, гордост, алчност, гнев, грубост, неискреност, убиство, ропот, завист, кражби, нетрпеливост, лага, сластољубивост, мрзливост, тага, страв, колебливост, омраза, осудување, заблуда, незнаење, соблазнување и заборавање на Бога. Со сето ова, но и со други гревови, бидува измачувана грешната душа, која се оддалечува од Бога.

Свети Антониј Велики