ВИНО ОД БЛАГОДАТ

Простете ве молам, но…
Би сакал,
Оти така чувствувам,
Да викнам на цел глас,
Да викам и повикувам,
Кон тебе Богомајко,
Оти внатрешното слово не ме остава.
Како протоѓер да викам,
Од највисокото на Кокино,
За мирот на никој да не го нарушам,
Иако, Твоето име мир носи.

А Ти,
Како молитва си ми,
Непрестајна,
Во умот ми обитуваш,
Ме радуваш,
И веселиш, Богородице Дево,
И сè во мене тогаш трепери,
Почнува,
А не сакам да има крај!

Ех, да можев,
Но, не умеам јас Тебе да те раскажам,
А, знам!
Твојот збор сила е,
За Него, заповед.
Ти Му рече „немаат“,
А Он „водата во вино ја претвори“.
И сега кажи Му,
Како и тогаш,
Историјата нека се повтори.
Иако избран, празен сад сум,
Но, на призивот веднаш одговорив.
Заради тоа,
Нека ме очисти, измие…
Нека ме наполни со „вино“ од благодат,
Како камените садови во Кана.
Твојот збор сила е Мајчице,
Кажи Му!
Или… Останав само камен,
Ладен.

о. Григориј