ЈАНУАРСКА НОЌ

Не знам зошто го сакам февруари,
Можеби и знам,
Но не сакам да кажам,
Или поточно,
Би бил принуден да лажам,
А не сакам.
Но, не го сакам јануари,
Со неговите длабоки снегови,
Кои не можат да ги прикријат,
Траговите од моите гревови.
Не го сакам јануари,
со неговите ладни ноќи,
Кога на рамките од прозорот ,
Витраж, создава студот,
Со својата моќ.
Како и таа ноќ.
Видикот ми се намали,
Нејсе, ќе видам, „што?“, во темнината?
Но, умот сакајќи да прошета,
Бргу ќе се врати – си реков.
И затоа, како од пушка,
„Помилуј ме грешниот“ изреков.
Како уплашен стражар,
На секој сомничав шум,
Рафално продолжував,
со некоја „Исусова“,
Сакајќи врата да затворам,
На мојот расеан ум,
За секоја помисла и мисла,
За секакава реална или не, слика.
Но го затекнав пустиот,
Ниту уплашен, ниту стресен,
Дури радосен, и среќен,
Не верувам дека беше свесен.
Го фатив умот, пак!
По не знам кој пат,
Како ужива и се насладува,
Како стрвно дете,
на коцка чоколадо.
На незначителна, но за него
божествена убавина,
Со чувства лавина,
Низ кристалите од мразот,
Во убавината на витражот.
Таа студена јануарска ноќ.
о.Григориј Јакимов