МИРИСОТ НА ЗЕМЈАТА

Денес на Крстот Христов,
ги видов…
Виснале, та надтежнале,
како на кантар,
сите мои гревови, со дело направени,
од кои срам ме фаќа.
Се ужаснувам,
од оние со збор кажаните,
и глава не смеам да кренам,
ниту в лице да Го погледнам,
заради помислите безброј,
што во срце останале.

Бесрамнику!
Клекни!
Свиткај колена,
заради осудите кон ближните свои.
Тие не престанаа да те љубат.

Наведни глава!
Допри ја земјата!
И не кревај ја дур крв не и надојде,
дур тежина не осетиш,
дур не сфатиш…

Силно потисни ја на земјата ровка,
И ќе видиш, колку пријатен и е мирисот нејзин,
Колку својствен, колку личен , колку човечен…е мирисот на земјата.
Оти од земја не создаде,
затоа кон неа тежнееме,
во земја ќе се вратиме,
земја ќе бидеме, несомнено.
А душата бесмртна?!
Во бесмртноста, Господ ќе си ја прибере.
Како Добриот пастир,
ќе си ги одвои овците од козите.

Проштевај Господи!
Секој ден стори го, благодатна Прочка.
Секој ден простувај ми.
За секој миг што душата кон земното тежнеела.