НЕМИР
Го губиш мирот,
Целото битие невреме го опфаќа.
Душата,
Од високите бранови беснее.
Срцето,
Тапан станува,
со неправилни ритмови,
екстрасистули…
Ех, бре лудаку!
Луд си ти, таков и ќе останеш.
Лут си, но тоа ќе помине.
Ако простиш.
Сувите усни,
жед покажуваат.
А водата,
Немоќна е да ги навлажни,
Бессилна е жед да изгаси.
Не надевај се,
Пресушил изворот љубовен.
„Каде е страстната приврзаност, сега?
Каде е копнежот за привременото?“
Сега, Што ќе ти е среброто и златото?
Немир…
Голема, темна болка, навали на грлово.
Не се изустува збор.
Карпа се струполи во градиве,
не камен.
Не се вдишува,
здив не се издишува.
Нозеве во грч,
Не можат да притрчаат.
Рацеве, суровици,
Неспособни да прегрнат.
„Станав прекршител на Твоите заповеди, Господи,
И јадев од забранетата храна.“
Вкус на горчлива пепел, за неостварена желба,
на усниве се темели.
И повторно носи,
Немир…
Повреда,
на елементарна суета.
Ех, лудаку!
Што ли зборуваш?
Остани си луд!
Остави ги твоите лудости.
Препушти Му, сѐ.
Во немирот,
мирно излуди,
за да се успокоиш.