ТИ БЛАГОДАРАМ, НО ПРОСТИ

Ти благодарам, Господи
Што мртов ме воскресна,
И од сите млади срца тогаш,
Над мене благоволи рака да положат.
За до ден-денес,
Пред Трпеза Света да стојам,
И Жртва Света да принесувам.

Но прости, што упорно стојам
На место и во време исто,
Скоро секој ден.
Стојам и чекам,
Возот теретен низ срцево да мине
Со вагони до недоглед,
И да преминам,
од онаа страна…
Крадечкум, на неодбележано.

Чекам…
Со солзи јадри во очи, набабрени
Како брана преполна,
Како облаци надвиснати тешки
Во момент да испуштат,
Подготвени да истурат.

И паѓа, една,
Па уште една.
И така по ред, со темпо largo и adagio,
Кон allegro i presto,
Се распрснуваат на мермерот ладен,
Се тркалаат солзи уште пред да кажам, благодарам, но прости.

А понекогаш истура, како оној ден
Кој го паметам не по дата,
Но по еден натпревар смел.
Заради млакоста, која често ја има
И рамнодушноста,
Која, како Пелагонија ширна се распостила.

“Земам”,
или поточно крадам “време” ,
“Заради нашите гревови и незнаењето на народот”,
За сите нас, кои сме на овој свет гости,
Ти благодарам Господи , но прости.