ВЕТУВАЊЕ

На работ сум,
Да го ослободам ѕверот,
Кој со сигурност, веднаш ќе ме одвлече во очајание,
А сето тоа ќе е спротивно,
На пишаното послание.
Некако, ми се сокри надежта,
Се плашам!
Што ли ќе и помага на верата,
за да опстои љубовта?
На работ сум,
На врв јазик ми е,
Да извикам: „не можам“,
Сакајќи да ме сожалат,
да ми ја видат немоќта,
Иако е сè спротивно,
Од кажаното Слово на Семоќта.
Некако ја губам надежта,
Без неа, верата ми намалува.
Каде си? О, Љубов! Каде си?
Знам! Задоцнив.
Но веќе,
делата мои ги испитувам редовно,
А заклучокот, повеќе од јасен е,
„Секој човек во гревот сум го надминал“.
И огледалото е немоќно, вистинскиот лик да го прикаже.
Во слободен пад се пресретнувам,
Безнадежно се надевам.
А што би…!?
Помогни Му на неверието мое.
Прости, Ти Кој однапред Си ми простил.
Поткрепи ме во верата,
А јас ќе го врзам умот во адот,
Без да очајувам,
Оти Љубов си Боже.
Ќе го послушам советот на светителот,
Ќе го чувам словото на Умилителот.

о.Григориј Јакимов