Почитуван претседателе на Владата на Република Северна Македонија – господине Заев, почитувани претставници од Владата на Република Северна Македонија, почитуван Викарен Стобиски Епископ – Господин Јаков, почитувани претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија – струмичка епархија, почитувани претставници на Католичката црква, почитувани претставници на Комисијата за односи со верските заедници, почитувани пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, почитуван колега Брчков – градоначалник на Општина Петрич, почитувани претставници на Општина Петрич, почитуван претседателе и членови на Советот на општина Струмица, почитувани гости, драги сограѓани, дами и господа,

Ова е тој ден. Ова е тој извор од кој ја гасиме нашата духовна жед.Ова е лебецот од кој ја црпиме енергијата на нашето постоење. Го примивме завештанието од нашите предци за да им го предадеме на тукушто родените струмичани. Тоа примопредавање од рака во рака, од срце на срце, од колено на колено, траело и ќе трае се дури трае родот човечки и љубовта богочовечка, се дури Струмица и струмичани суштествуваат како урнек за нераскинливаa симбиоза. Токму затоа денот денешен е ден за празнување и ден за чествување. Во овој празник на срцата и душите струмички се е возвишено и невообичаено убаво. Овој ден е сосема различен од сите останати во годината, затоа што во него секој наш чекор е посмел и посигурен, секое наше здраво-живо поинаку звучи, сите мириси на градот се спојуваат во мирисот на празнувањето и секое биење на црковните камбани го одредува ритамот на нашето
срцебиење.

Денес се е во знакот на почитта кон Светите Петнаесет тивериополски свештеномаченици и нивното свето дело, а секоја наша душевна дразба е артикулација на неизмерната благодарност која ја имаме кон заштитниците на нашиот град, за христијанскиот дар со кој не даруваа. Благочестивите петнаесет апостоли и денес го заслужуваат нашето
поклонение , оти тие се најзаслужните за нашата богољубност и за сите духовни вредности со кои се гордееме. Причина за таа наша гордост е историскиот запис кој не потсетува дека нашиот град уште во четвртиот век станал центар на христијанството.

Сведоштвото вели: „Тивериопол достигнал да стане како некоја кула, од секаде видлива, која раздавала светлина на верата и на другите градови на запад, и ги враќала од мракот на заблудата, оние што се наоѓале во длабокото море на неверието“. Не е случајно што свештеномачениците токму на оваа грутка земја нашле малку слобода и со словото на нашите
души обработиле за Христа богата нива со изобилно класје. Писанието понатаму ќе рече : „Идолската лага и злочестието го разобличија, и Христа го проповедаа, победниците над смртта најсвештени“.

Христијанството како препознатлив белег на нашето духовно живеење, може да се огледа и во храмот кој струмичани оддамна го подигнале во чест на петнаесетте Божји апостоли. Прагот на тој храм секогаш со задоволство го пречекоруваме, не само на овој свет ден, туку и тогаш кога нашата душа има потреба да се претвори во духовен вентил. Така
било и останало. На тоа не потсетува канонот на мачениците во кој се вели : „Кладенец на чудеса и извор на безбројни исцеленија, река на благодат и очистување на душата, храмот е на Светите петнаесет.

Дојдете верни, во него да се просветите“. Чувството дека на овие наши простори ранохристијанските апостоли го ширеле словото Господово и без страв чекореле по патиштата на историјата и по оваа наша струмичка земја, не прави одважни и среќни. Таа среќа секогаш треба да биде поткрепена со повторување на четивото за една света мисија која претставува цврст темел на нашата христијанска вера. Од тоа четиво ќе откриеме дека во времето на римскиот император Јулијан Отпадникот бил издаден акт за голем
прогон на христијаните од империјата. Јулијан ги вратил старите пагански верувања и го отфрлил христијанството, издавајќи наредба за одмазда кон сите оние кои нема да се вратат кон старите обичаи. Во градот Никеја во Мала Азија била прочитана наредбата на императорот, а тоа резултирало со бегство од градот на Божјите служители Тимотеј,
Комасиј, Евсевиј и Теодор, кои најпрвин се населиле во Солун. Тие сакале во тој град да го шират христијанството и Словото Божјо, но солунчаните им рекле дека во нивниот град не се созреани условите за такво нешто, па ги советувале да отпатуваат во Тивериопол, денешна Струмица, кајшто веќе постоела плодна почва за нивното христијанско семе. Така и биднало.

По доаѓањето во нашиов град, Тимотеј станал епископ на Тивериополската црква, Комасиј се замонашил, а истото го сторил и Евсевиј. Теодор исто така бил епископ, познат како учесник на Првиот вселенси собор во Никеја, одржан во 325 година. Со нивната христијанска проповед, тие веднаш биле прифатени од месното население, а кон нивната мисија се приклучиле и Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор, Василиј, Тома, Еротеј, Данаил, Харитон и Сократ. Откако во Солун се чуло за нивното свето дело, од страна на службениците на императорот Јулијан Отпадникот, било наредено да бидат најдени и погубени. Така и се случило. На денешен ден во 362 година, Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици биле ѕверски убиени, а нивните тела расфрлани на разни страни, но жителите на градот ги зеле телата и ги погребале во посебни гробови на кои биле испишани имињата на секој од нив. Телата на светителите биле погребани во доцноантичка некропола, надвор од градот. Подоцна, како резултат на волјата Господова, моштите на мачениците станале извор на

повеќе чуда. Нивната исцелителна моќ била толку голема што болни оздравувале, слепи прогледувале и неподвижни проодувале. Едно од тие чуда е и отсечената десна рака на тивериополскиот свештеномаченик Петар, која сеуште се чува во еден црковен храм во Кукуш. Денот на погибието на мачениците – 28. ноември, по стариот, или 11.декември по новиот календар, е денот кој се слави како патрон на нашиот град, како ден на заштитниците на Струмица. Ете токму од тие настани и од времето на дејствување на Светите 15 тивериополски свештеномаченици датира всаденото богољубие во срцата на струмичани и зародишот на христијанството во овој наш град. Затоа денес, како и на секој друг 11. декември, горат кандилата во домовите на сите благочестиви струмички семејства. Во тие кандила се задомила и светлината и топлината на нашата христијанска вера.

Но денес како никогаш порано, важно е да останеме свои, да останеме достоинствени и да бидеме секогаш верни на духовните и моралните вредности. А тие вредности доаѓаат од автономијата на човековата слобода, слобода која ни овозможува да размислуваме, да расудуваме, да планираме, креираме и создаваме, да воспитуваме деца на праведност и чесност, да подучуваме и да одлучуваме по свој терк и сосвоја глава. Но за сето тоа, мораме да го разбудиме човекот во нас, мораме да ја разбудиме љубовта во нас. Така ќе бидеме тоа што во суштина сме. Мораме да бидеме такви, какви што не создал Господ. Нам не ни прилега да бидеме ни јагниња ни волци, а уште помалку да бидеме волци во јагнешка кожа или јагниња во волчја кожа. Словото Божјо треба да биде нашето прибежиште за да се избавиме од грешноста и да го пронајдеме вистинскиот пат кон нашето спасение. Време е за деконтаминација на мислите, душите и срцата и рестартирање на нашите животни агенди во кои повторно ќе пронајдеме место за ново завештание пред Бога и примање на благословот, милоста и промислата , како непроценливи Божји дарови.

За да го сториме тоа мора да престанеме да и слугуваме на суетата, мора зборот „ние“ да го ставиме пред зборот „јас“, мора да ги повикаме на помош свеста и совеста,за да ни бидат сопатници во животот. На раскрсницата од нашите предизвици и искушенија, ќе биде повеќе од неопходно да го избереме, можеби подолгиот, потрнливиот и понерамниот пат, но секако вистинскиот пат кој води кон нашата заедничка среќа. Тоа е патот на соработката, разбирањето, солидарноста и хуманоста. Тоа е патот кој не води до терезијата со кои
се мерат нештата во животот. На едната страна од терезијата се наоѓаат омразата, злото, нечовечноста и лагата, а на другата – љубовта, добрината, човечноста и вистината. И нашиот севишен Господ, и Светите петнаесет тивериополски Свештеномаченици но и сите ние, добро знаеме кои нешта повеќе тежат и кои нешта на крајот триумфираат во животот. Во тој поглед, неприкосновени се вистинољубието, човекољубието и богољубието, нешта кои на секој од нас треба да ни бидат во преден план. Притоа секој човек треба да знае дека лагата е снегот, а вистината е сонцето на нашето живеење.

Снегот може немилосрдно да паѓа и да се напластува колку што сака, но кога – тогаш, на сцената излегува сонцето и го топи до последна снегулка. Нам ни останува само да бидеме добри луѓе и достојни на зборот „човек„ , на оној збор кој сами го девалвиравме во ова време – невреме. Да не им се потчинуваме на стереотипите и предрасудите. Да го почитуваме минатото, но не да му робуваме. Да мечтаеме за иднината, но да не ги оставиме мечтите непоткрепени. Да ја живееме сегашноста сонувајќи со отворени очи, и да создадеме јаве во кое ќе бидеме градители на безвременски мостови со цврста арматура, мостови кои ќе ги поврзуваат луѓето, за да се почитуваат и сакаат повеќе. Да бидеме големи и да го ползуваме скриеното богатство на нашите души и срца. Големината на човекот се мери со љубовта и добрината кои ги носи во себе и несебично ги споделува со останатите. Едно „добарден“ , една насмевка, еден убав збор и една подадена рака вредат повеќе од сите богатства на овој свет. Да сме и верни на верата и да ја негуваме и надградуваме љубовта кон светителите и кон Христа. Ако Господ е се она што го имаме, тогаш го имаме се она што ни треба.

Со почит и љубов кон Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици, да си ја сакаме и Струмица, како што се сакаат ближните и најмилите. Да си ја сакаме не само со збор , туку со оставање сопствени белези на нашето постоење во нејзиното севкупно битисување. На нејзините вековни и постоечки вредности, да надоградуваме вредности со нов сјај како рефлексија на новото и современо време. Да му се радуваме со озарени лица на секое камче од богатиот мозаик на овој наш град, и да се потрудиме да го направиме уште поубав, уште побогат и уште посветол. Тоа што со љубов сме го наследиле од предците, со љубов треба и да го предадеме на идните генерации, оти овој чудесен град ниту почнал да постои со нас, ниту со нас ќе престане да постои. Струмица заслужува прогрес по нејзина мерка и по мерка на сите струмичани. Тоа можеме да го сториме со заеднички влог, но и со вера, надеж и љубов.

Нека ни е честит и вековит Денот на заштитниците на Струмица –
Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици.