При образованието е многу штетно доколку го развиваме само умот и разумот, не обрнувајќи внимание на срцето. На срцето треба да му се посвети поголемо внимание отколку на што било друго. Срцето е живот, но живот расипан со гревот. Мора да се исчисти тој извор, во него мора да се запали пламенот на животот, па така да гори и да не се гасне, притоа насочувајќи ги сите човечки мисли, желби и стремежи, но и сите негови животни процеси.
Општеството е полно со грев, токму поради недостаток на христијанско воспитување. Време е христијаните да го разберат Бога, да сфатат што сака Он од нас, бидејќи Он го бара токму чистото срце: „Блажени се чистите по срце“ (Мт. 5, 8). Слушнете го Неговиот пресладок глас во Евангелието. Вистинскиот живот на нашето срце е Христос. Научете се на целата мудрост на апостолите, тоа е наша заедничка задача: со вера во срцето да го вселиме Христос.
Необразованоста, неразвивањето, неомекнувањето и непоправањето на срцето е илјада пати подостојно за прекор отколку необразованоста на умот. Необразованиот е заостанат човек, достоен за попустливост и сожалување, додека оној образованиот кој е препуштен на страстите и пороците, на злобата, на гордоста, на безобѕирноста, зависта, стомакоугодувањето, прејадувањето, пијанството, користољубието, на блудот и на другите страсти, и покрај своето големо знаење, па дури и познавањето на Божјата волја, е човек со бесчувствително срце. Тој е мртов за Бога, бидејќи правилата кои ги научил не ги применува на дело и не ја извршува Божјата волја, туку ја нарушува, со уште поголема бестрашност и дрскост од оној необразованиот.
Кај необразованиот човек постои простота на срцето, кроткост, незлобливост, смирение, молчеливост и трпение, кое пред Бога е поскапоцено од сите наши сознанија, од целиот надворешен сјај, од сите научени изрази, од сите извештачени учтивости, од сите долготрајни молитви, од сите високопарно смислени зборови. Дури и самите гревови, ако се гревови од незнаење, може да се простат. Како резултат на тоа, почитувај ја простодушната необразованост и учи се од неа на тоа што не го поседува привидно образованиот, т.е. учи се на простодушност, незлобливост, трпение и на сè друго. Необразованите се деца во Христа, на кои Господ понекогаш им ги открива Своите тајни.
Свети Јован Кронштадски