И така, среброто си има исходна жила, и златото – место, каде тоа се пречистува.

Железото се добива од земја, а од камен се претопува бакар.

Човекот на мракот му поставува меѓи, и грижливо го бара каменот во темнината и во смртната сенка.

Ископува рудокопен извор во места недостапни за нога, нишајќи се виси далеку од луѓето.

Од земјата никнува жито, а под неа сè е испревртено, како оган.

Во камењата нејзини има место за сафир, а таму се и златните зрнца.

Не ја знае тамошната патеката грабливата птица, ниту јастребово око неа ја видело;

ѕверките мали не ја изгазиле, и по неа не одел лавот.

На гранит ја крева раката своја, од дното превртува гори;

во карпи пресекува извор, и сè што е скапоцено око му гледа;

го запира текот на реките и скриеното го вади на видело.

Но каде се наоѓа мудроста, каде е местото на разумот?

Не ја знае човекот нејзината цена, ниту таа се наоѓа во земјата на живите.

Бездната вели: – таа не е во мене, и морето вели: – таа не е кај мене.

Не може да се даде чисто злато, ниту сребро може да се промени за неа;

таа не се цени ниту со злато офирско, ниту со скапоцен оникс, ниту со сафир;

со нејзе не се споредува ниту злато и кристал; таа не се разменува со садови од чисто злато.

А за корал и бисер нема што ни да се спомнува, зашто добивањето мудрост чини повеќе од рубините.

Со неа не се изедначува етиопскиот топаз; со чисто злато таа не се оценува.

Од каде, всушност, излегува мудроста? Каде е местото на разумот?

Сокриена е таа од очите на сè што е живо и притаена е од птиците небески.

Погубноста и смртта велат: „со ушите свои чувме за славата нејзина“.

Бог го знае нејзиниот пат; Он го познава местото нејзино.

Зашто Он гледа до крајот на земјата, набљудува под целото небо.

Кога Он му даваше на ветрот тежина и ја мереше водата по мерка,

кога му даваше наредби на дождот и пат на молњата громовна,

уште тогаш Он ја виде и ја објави, ја приготви и ја испита.

А на човекот му рече: „Ете, стравот Господов е вистинска мудрост, а во одбегнувањето на злото е разумот“.

Книга Јов (гл. 28, 1-28)