Утврди се сега тврдино! И пак сме опседнати, ќе го бијат со прат по образите судијата на Израилот.
И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста.
Затоа Он ќе ги остави до времето додека роди онаа која треба да роди; тогаш при синовите Изаилеви ќе се вратат и нивните други браќа.
Ќе застане Он и ќе ги пасе со силата на Господа, со величието на Името Господово, со Својот Бог – и тие ќе живеат во мир, зашто тогаш Он ќе биде велик до краиштата на земјата.
Он ќе биде мирот. Кога ќе дојде Асур во нашата земја и ќе стапи во нашето владение, тогаш ние против него ќе поставиме седум пастири и осум народни кнезови.
Тогаш тие ќе ја испасат земјата Асур со меч, а земјата на Немрода покрај портите, и Он ќе нè избави од Асура, кога ќе дојде во нашата земја и ќе влезе во пределите наши.
А остатокот од Јакова меѓу многуте народи ќе биде како роса од Господа, како ситен дожд по трева. Он нема да зависи од човек и нема да се потпира на синовите Адамови.
И остатокот на Јакова ќе биде меѓу народите, меѓу многу племиња, како лав меѓу горски ѕверови, како лавче меѓу овчо стадо; и кога ќе се појави, ќе гази и ќе растргнува и никој не ќе може да се спаси од него.
Тогаш ќе се крене раката Твоја над непријателите Твои и тие ќе бидат истребени.
И во оној ден, вели Господ, ќе ги истребам коњите твои пред тебе и ќе ги уништам колите твои;
и ќе ги сотрам градовите во твојата земја и ќе ги растурам сите твои тврдини;
ќе ги истргнам магиите од рацете твои, и при тебе не ќе има веќе вражачи;
ќе ги уништам идолите и изрезбаните ликови меѓу тебе – и нема веќе да се поклонуваш на творби од рацете твои;
и ќе ги искоренам од твојата средина идолските светилишта и ќе ги разорам твоите градови.
Во гнев и со негодување ќе се одмаздам над народите што ќе бидат непослушни.
Книга на пророк Михеј (5, 1-15)