Од твоето писмо гледам дека те поробил духот на тагата. Тоа е сериозна страст, против која христијаните кои сакаат да се спасат ќе мора жестоко да се борат. Таа ги напаѓа дури и оние кои имаат сè што им е потребно и кои се утешуваат на разни начини. Колку ли пак ги напаѓа оние кои живеат во осаменост? Ти го препорачувам следниов начин на борба:
- Присилувај се на молитва и на секое добро дело, без разлика што тоа можеби не е во согласност со твоите лични склоности. Како што човек со камшик го тера мрзливиот коњ да оди и каска, така и ние треба да се присилиме на добри дела и молитва. Бог, гледајќи го твојот труд и твоите дела, ќе ја разгори твојата ревност. Самата навика ја поттикнува ревноста и нè привлекува кон молитва и кон добри дела. Стекни ја оваа навика и таа ќе те приведе кон молитвата и кон чинење на добрите дела.
- Ревноста се стекнува со разни занимања, односно со менување на послушанието. Најпрво моли се, потоа бави се со ракоделие, со читање, размислувај за својата духовна состојба, за вечното спасение итн. Ако тагата те совлада, напушти ја собата и, додека шеташ, размислувај за Христа, подигни го својот ум кон Бога и моли се. На тој начин ќе те напушти тагата.
- Сеќавањето на смртта, кое одеднаш ќе помине низ твојот ум, мислата за судењето Христово, за вечните маки и вечната светлина, ја истеруваат тагата. Размислувај за тоа.
- Моли се и воздивнувај, молејќи Го Самиот Бог да ти дарува ревност, бидејќи без Него не можеме ништо да сториме. Ако се придржуваш до овие упатства, верувај ми, малку по малку ќе ја стекнеш ревноста. Бог од нас бара труд и добри дела. Подај сѐ од себе, бидејќи Он им вети помош на оние кои се трудат. Он им помага на оние кои се ревносни, а не на оние кои одмараат и спијат. Сатаната само чека на нашата пропаст. Не треба ни да спиеме, туку треба да стоиме исправени и да се бориме против таквиот страшен непријател. Ова се постигнува со молитва, со читање и со секое добро дело, така што кога непријателот ќе нѐ посети, тој не ќе може да го пронајде своето место.
Не прифаќај го ѓаволот и тој ќе замине од тебе. Ниту еден човек толку лесно не го напаѓа демонот како оној што живее во немарност и мрзеливост. Таквиот човек е повеќе од плодна почва за демонот. Имај го тоа на ум во секое време и моли се за мене грешниот. Барај го спасението во Христа.
Свети Тихон Задонски