Св. Јаков од сите бил нарекуван „праведен“.

Бидејќи луѓето со свои очи сведочеа за неговиот совршен и богоугоден живот, тој беше вброен во 70-те Христови апостоли. Самиот наш Господ и Спасител Исус Христос го постави за епископ и го научи да свештенодејствува. А нему, на првиот светител и архипастир, му беше доверена новопросветената Ерусалимска црква. Тој прв го напиша редоследот на Божествената Литургија под благодатното раководство на Светиот Дух, која подоцна, поради немоќта на народот, била скратена од страна на св. Василиј Велики и св. Јован Златоуст.

За време на својата архипастирска служба во Ерусалим, свети Јаков со своите проповеди обрати кон Христа многу Евреи и Елини и ги упати на патот на спасението. Тој напиша соборно послание до дванаесетте Израилеви колена, исполнето со боговдахновени и многу корисни учења, а тоа, поучувајќи ги христијаните на вера и богоугодни дела, навистина стана духовен украс за целата Црква Христова.

Поради својот доблесен живот, свети Јаков бил многу почитуван не само од христијаните, туку и од неверниците. Еврејските првосвештеници влегувале во Светињата над Светињите само еднаш во годината за да служат, но не му забранувале на свети Јаков често да влегува таму за да се помоли. Тие го гледаа неговиот чист и непорочен живот и заради тоа го нарекоа со нов прекар: „Обли“ или „Офли“, т.е. „оградување (или утврдување) на луѓето“ или, пак, едноставно го нарекуваа „најправеден од сите“. Св. Јаков влегувал во Светињата над Светињите не само дење, туку и ноќе, паѓал пред Бога со лицето кон земјата и со горки солзи се молел за целиот свет. Поради неговата светост, тој беше возљубен од целиот народ: многумина од јудејските старешини веруваа во неговите поуки и сите со радост го слушаа. Околу него се собираше многу народ: едни сакаа да ги слушнат неговите зборови, а други да се допрат до крајот на неговата облека.

Св. Димитриј Ростовски