А душите на праведниците се во Божја рака; до нив нема да се допре никаква мака.

Во очите на неразумните, тие се како мртви, а нивниот крај го сметаат за пропаст;

на нивното заминување од овој свет се гледа како на некое уништување, но сепак тие живеат во мир.

Зашто, иако во очите на луѓето тие се накажани, сепак надежта нивна е полна со бесмртност.

Бидејќи се малку казнети, тие ќе добијат големи блага, зашто Господ ги испитал и ги нашол достојни за Себеси.

Он ги проверил како злато во печка и ги примил како најсовршена жртва.

Во времето на воскреснието, тие ќе светат како искри меѓу гранки.

На племиња ќе им судат, над народи ќе владеат, а над нив Господ ќе царува довека.

Оние што се надеваат на Него, ќе ја познаат вистината, а кои Му се верни во љубовта – ќе живеат во Него, зашто Он има милост и милосрдност за Своите светии, и има промисла – за Своите избраници.

А безбожниците ќе бидат казнети за своите мисли; затоа што ги презреа праведниците и што отстапија од Господа.

Несреќни се оние што ја презираат мудроста и поуката, и надежта нивна е празна, и трудовите им се бесплодни, а делата некорисни.

Нивните жени се неразумни, а децата лоши; проколнат е нивниот дом.

Блазе ѝ на неротката која не се осквернила, која не познала незаконска постела; таа ќе добие плод – кога светите души ќе бидат наградувани.

Блазе му на евнухот, кој не направил беззаконие со раката и не помислил ништо лошо против Господа; за неговата вера ќе му биде дадена посебна благодат и најпријатен дел во храмот на Господа.

Плодот на добрите трудови е славен, а коренот на мудроста е неподвижен.

Децата на прељубниците ќе бидат несовршени, а плодот на беззаконата постела ќе пропадне.

Макар биле и долговечни, за ништо нема да ги сметаат; нивната длабока старост ќе биде без почит.

А ако умрат рано, ќе немаат надеж, ниту ќе најдат утеха во судниот ден;

зашто страшен е крајот на грешниот род.

Книга Мудрост Соломонова (глава 3, 1-19)