Кои сте вие што денес го искушувате Бога и се поставувате место Него меѓу синовите човечки?

Ете, вие го испрашувате Господа Седржителот, но никогаш ништо нема да разберете.

Ако не можете да ја дознаете длабочината на човечкото срце, ако не можете да ја сфатите човечката мисла, како ќе го разберете Бога, Кој создал сè. Како ќе ги сфатите Неговиот ум и Неговите мисли? Не, браќа, не гневете Го Господа, нашиот Бог.

Зашто, и ако се чини дека Он не сака да ни помогне во тие пет дена пред очите на нашите непријатели, сепак Он има власт и сила да нè заштити или уништи тогаш кога Нему ќе Му биде мило.

Затоа не барајте одлуки од Господа нашиот Бог, зашто Бог не е човек – за да може да Му се заканувате, ниту е син човечки – за да можете да Му заповедате.

Затоа, чекајќи од Него спасение, да Го повикаме на помош; Он ќе го чуе и ќе го послуша нашиот глас, ако тоа што го бараме Му е Нему угодно.

Зашто во нашите родови немало, а и во денешно време нема кај нас ни колено, ни племе, ни народ, ни град, кои им се клањаат на ракотворени богови, како што било некогаш.

Затоа нашите татковци биле предавани на меч, биле ограбувани и доживеале големи порази од своите непријатели.

Но ние не знаеме друг Бог освен Него; затоа се надеваме дека нема да нè презре ни нас, ниту некого од нашиот народ.

Зашто, ако бидеме победени, со тоа ќе падне и цела Јудеја; светињите наши ќе бидат разграбани; Он ќе побара сметка од нас за скверностите од нашите усти.

И убивањето на нашите браќа, и поробувањето на земјата, и опустошувањето на нашето наследство, ќе го сврти врз нашата глава меѓу народите, кои ќе владеат над нас и ќе бидеме соблазна и срам пред оние што ќе нè победат,

зашто ако ропството наше ни послужи за чест, тогаш Господ, нашиот Бог, ќе го претвори во бесчестие.

И така, браќа, да им покажеме на нашите ближни дека од нас зависи нивниот живот и дека врз нас се крепат светилиштето и домот на Господа.

За сето ова да Му благодариме на Господа, нашиот Бог, што нè проверува, како што ги проверувал нашите татковци.

Спомнете си што правеше Бог со Авраама, како го проверуваше Исака, што му се случи на Јакова во Месопотамија Сириска кога ги пасеше овците на својот вујко Лавана;

како што нив ги искушуваше не за да ги мачи нивните срца, така постапува и со нас: за да се поправиме, а не за да ни се одмазди, зашто Бог ги проверува оние што Нему Му се блиски.

Книга Јудита (8, 12-27)