Јас кога дојдов на Света Гора запознав многумина Отци кои живееја во подвиг и во созерцание. Стари и свети луѓе.

Еден од нив беше старец Калиник. Одличен аскет. Затворник четириесет години. Се подвизуваше во умното дејствување и јадеше од медот на божествената љубов, станувајќи корисен и за другите. Тој го доживеа и грабнувањето на умот.

Подолу од него беше еден друг, старец Герасим. Краен тихувател. Родум од Хиос. Чудесен подвижник. Се подвизуваше во умната молитва. Деведесетгодишен. Помина седумнаесет години на врвот од Пророк Илија борејќи се со демоните и бивајќи удиран од невремето, откако остана без покрив. Столб на трпение, тој постојано имаше солзи. Засладуван од созерцанието на Христа, го заврши својот безгрижен и мирен живот.

Погоре беше старец Игнатиј. Без вид многу години. Долгогодишен духовник. Старец од деведесет и пет години. Се молеше умствено и непрестајно, така што од молитвата му излегуваше благоухание од устата. Секој се радуваше да зборува блиску до неговата уста.

Имаше и еден друг. Најчудесен од сите свети отци на Атон, отец Даниил. Подражавател на најголемиот Арсениј. Краен молчеливец, затворник. Литургија служеше до крајот на животот. Во текот на шеесет години не можеше да замисли ни еден ден, а да не отслужи Божествена литургија. Во Големата Четириесетница секој ден служеше Преждеосвештена литургија.

Престарен до последниот ден заврши без болест. А неговата Литургија траеше секогаш три и половина до четири часа, зашто не можеше да ги искаже молитвите од умиление. Од неговите солзи се натопуваше земјата пред него. Затоа претпочиташе туѓинец да не присуствува на Литургиите, за да не го види неговото дело. Бидејќи јас го молев со многу жар, тој ме примаше. Кога одев – пешачев по три часа ноќе, за да присуствувам на таа чудесна, вистинска божествена претстава. Тогаш ми кажуваше по една до две поуки, излегувајќи од олтарот, и веднаш се криеше сè до следниот ден. Секојдневно, до крајот на животот, имаше целоноќно бдение и умна молитва. Угледан на него го земав неговиот типик и имав голема полза. Секој ден јадеше по дваесет и пет грама леб и изгледаше како да лебди на Литургијата. И без патосот да стане кал од неговите солзи, не ја завршуваше Литургијата.

Имаше и многу други созерцатели, кои јас не се удостоив да ги видам, бидејќи се упокоија пред една или две години. Ми ги раскажуваа нивните чудесни подвизи, бидејќи многу ме интересираше. Чекор по чекор, ги обиколував ридовите и пештерите за да најдам слични примери. Зашто мојот старец беше прост и добар, и кога ќе му го подготвев јадењето ми даваше благослов да барам сè што е добродетелно за мојата душа. Откако го погребав по неговата смрт, го истражив целиот Атон, барајќи духовна поука.

Имаше еден старец во една пештера, којшто преку ден требаше да плаче седум пати. Тоа беше неговото дело. А пак ноќта, цела да ја помине во солзи. Неговата перница секогаш беше натопена. И послушникот, кој одеше два-три пати во денот, бидејќи не сакаше да е близу до него за да не му го прекинува плачот, го прашуваше: „Старче, зошто толку плачеш?“ И овој му одговараше: „Дете мое, кога човек Го созерцува Бога, од љубов му течат солзи и не може да ги запре.“

Постоеја и други помалку познати. Отец Козма и останатите. Навистина беа големи! Ако сака некој да напише за нив, ќе му биде потребно многу хартија. Сега сите тие се починати и живеат во другиот век. А денес ретко ќе чуете слово за умносрдечната молитва. Луѓето се заробени од толку многу грижи и од материјално размислување, па имаат совршен презир кон трезвеноста, така што многумина, не само што не сакаат да дознаат, да научат, или да истражат, туку дури и ако чујат дека некој раскажува за сторените подвизи, веднаш го навредуваат и го отфрлаат, сметајќи го за луд и за чудак. Бидејќи неговиот живот не е сличен со нивниот, па ним им служи за потсмев.

Се случува нешто слично како во епохата на идолопоклонството. Ако ги навредиш идолите те каменуваат и те убиваат. Сега, пак, секоја страст има позиција на идол. Та, ако ја искараш или ја осудиш страста, којашто некого веќе го совладала, тие веднаш велат: „Каменувајте го, зашто ги навреди нашите богови“.

Јас, бидејќи не примам никого, без исклучок, ниту пак сакам да знам како живее и што прави светот, постојано сум мета на осудување и на озборување од страна на монасите. И не престанувам дење и ноќе да се молам за отците и да нагласувам дека тие имаат право.

Јас сум виновен само ако се соблазнам од нив. Бидејќи тие гледаат со очите што им ги даде Бог. Неправичен и за осуда сум кога ќе речам: зошто не размислуваат како што мислам јас.

Бог да нè помилува сите, по молитвите на преподобните и богоносни отци наши.

Старец Јосиф Спилеот