Никој не може да Му се приближи на Бога ако не се оддалечи од светот. Оддалечување од светот ја нарекувам не преселбата (на душата) од телото, туку од световните дела. Во тоа и се состои добродетелта, човекот во својот ум да не се занимава со светот.

Сè додека сетилата се занимаваат со надворешни работи, срцето не може да престојува во тишина ниту да биде без фантазии. Телесните страсти не можат да се умртват, ниту лукавите помисли можат да се уништат без заминување во пустината.

Твојата молитва треба да биде како твојот живот. Бидејќи оној што е приврзан за земното не може да го достигне небесното, и оној што е зафатен со светското не може да го бара божественото. Зашто, желбата на секој човек се покажува преку неговите дела. Кој го сака она што е големо, тој не се занимава со она што е безначајно.

Браќа мои, би требало да знаете дека во целото наше служење Бог ги сака и надворешните форми, конкретното почитување и видливите начини на изразување на богобојазливост – не заради Себеси, туку заради нас.

Имено, многумина во своите помисли го запоставија сето тоа и си вообразија дека за Бога е доволна само молитвата на срцето. Тие велат, дека кога лежат на грб или кога седат во недолична положба, доволно е демек само внатрешното сеќавање на Бога…

Не ја зедоа предвид силата на противникот, поради што и паднаа во прелест и се препуштија на нејзините дејствија. Тие не разбраа дека се смртни и дека ги придвижува нивната душа, на која ѝ е својствено да отстапува, дека сè уште не ја достигнале духовната состојба, дека сè уште не им се случило воскресение и дека сè уште не стекнале непоколебливост.

Како што целото мноштво закони и заповеди, што Бог им ги даде на луѓето, ја имаат за крајна цел чистотата на срцето, така и сите родови и видови на молитва со кои луѓето Му се молат на Бога ја имаат како граница чистата молитва.

А после оваа граница ќе биде восхит, а не молитва, затоа што сè молитвено престанува и започнува соодветно созерцание, па умот не се моли со молитвата.

Св. Исак Сириски