Како што злото е лишеност од добрина, а незнаењето лишеност од знаење, така и небитието е лишеност од суштественото, но не од Суштественото во вистинската смисла на зборот, зашто тоа нема спротиставености, туку од суштественото по заедничарење со Вистинското Суштествено. Како што лишеноста од првите две зависи од волјата на созданијата, така лишеноста од второто зависи од волјата на Создателот, Кој според Својата благост секогаш сака созданијата да суштествуваат и секогаш да бидат облагодатени од Него.
Сите созданија, и словесни и духовни, во себе се приемчиви за спротивностите. На пример: добродетел и порок, знаење и незнаење. Друго е со различните тела, кои исто така се состојат од спротивности, т.е. од земја, воздух, оган и вода. И додека едните се наполно бестелесни и нематеријални, макар што некои од нив се поврзани со тела, другите се состојат само од материја и форма.
Сите тела се неподвижни по природа. Тие се доведуваат во движење од душата: едни тела од разумната душа, други од неразумната, а трети од бесчувствената.
Од силите на душата, едни се оние што ја хранат и ја развиваат, други се силите на вообразувањето и посакувањето, а трети се на разумот и мислата. Првите ги имаат растенијата, вторите, заедно со првите – бесловесните животни, а третите, заедно со првите две – луѓето. Првите две сили се подложни на гниење, а третата е нетлена и бесмртна.
Светите сили, предавајќи си една на друга просветлување, на човечката природа ѝ предаваат како од својата добродетел, така и од своето познание. Таа добродетел е богоподобна благост, со којашто си благотворат и на самите себе, и едни на други, и на пониските од себе правејќи ги боголики. Тие предаваат и повозвишено познание за Бога, зашто пророкот вели: „Ти Господи си Севишен секогаш“ (Пс. 91, 8), предаваат и продлабочено знаење за телата, или поточно знаење за бестелесните суштества, или појасно знаење за Промислата, или поразбирливо за Судот.
Нечистотата на умот е содржана: прво – во лажното познание; второ – во незнаењето за општите нешта. Зборувам за човечкиот ум, зашто за ангел не е својствено да не знае дури ни за нешто делумно; трето – во страсните помисли; четврто – во прибегнувањето кон грев.
Нечистотата на душата се состои во тоа што таа не дејствува согласно со природата, а од тоа во умот се раѓаат страсни помисли.
Нечистотата на телото е гревот направен со дело.
Оној што не е пристрасен кон светските нешта, го љуби безмолвието. Оној што не љуби ништо човечко, ги љуби сите луѓе. Оној што не се соблазнува од никого, ниту поради неговите падови, ниту поради помислите родени од претпоставка, тој има знаење за Бога и за божественото.
Големо дело е да не сме пристрасни кон материјалните нешта, но уште поголемо е да останеме бестрасни и во мислите за нив.
Љубовта и воздржанието го чуваат умот да биде бестрасен и кон предметите и кон помислите за нив.
Св. Максим Исповедник