„Во љубовта не постои страв; совршената љубов го истерува стравот, бидејќи стравот има мака. Оној што се плаши, не е совршен во љубовта.“ (1. Јов. 4, 18)

Бог е светлина и Неговите светии – како што вели Евангелието – се светлината на светот (Мат. 5, 14). Ним им е туѓ стравот во кој има маки, бидејќи се исполнети со љубов кон Бога. „Сакам – вели апостолот – да се усовршите во љубовта, во денот на судот да имаме сигурност пред Бога, оти Он е Судија“, и според Неговите зборови: „Отецот не суди никого, но целиот суд Му Го предаде на Синот“ (Јов. 5, 22). Како што Он беше во светот непорочен и чист, и за тоа зборуваше: „… оти иде кнезот од овој свет и во Мене тој нема ништо“ (Јов. 14, 30), така и ние ќе бидеме во Бога и Бог ќе биде во нас.

Ако е Он учител и дародавец на нашата чистота, должни сме Неговото име во светот да го пазиме чисто и непорочно, засекогаш носејќи ја на телото Неговата смрт (2. Кор. 4, 10). Ако вака живееме, ќе имаме слобода пред Него и ќе бидеме ослободени од секаков страв. Бидејќи, откако со добрите дела ќе достигнеме совршенство во љубовта, ќе бидеме далеку од стравот. Како потврда на тоа, апостолот додава: „Совршената љубов го изгонува стравот“.

А каков е тој страв? Тој самиот кажува дека тоа е стравот во кој има мака. Бидејќи некој може да биде сакан и заради стравот од казна, но таквиот страв не е совршен, односно не е својствен на совршената љубов. Кажувајќи го ова за совршената љубов, апостолот вели дека сме должни да Го љубиме Бога, затоа што Он претходно нас нè засакал. И како што Он порано ни направил добрина, така и ние сме должни поусрдно да се поттикнуваме себеси за да возвратиме за таквата добрина. Тргнувајќи од зборовите на Давид: „Бојте се од Господа сите праведници Негови, зашто ништо нема да им недостасува на оние кои се плашат од Него“ (Пс. 33, 9).

Некои ќе прашаат: „Јован кажува дека совршената љубов го истерува стравот, зар е можно праведниците Божји толку да не се совршени во љубовта, па им се дава заповед да се плашат?“ А ние ќе одговориме: Стравот може да биде двоен. Различен е оној на почетокот на духовниот пат и тој е измешан со маката. Човек кој направил лоши дела, кон Бога пристапува со страв и Му приоѓа од причина да не биде казнет. Тоа е почетнички страв.

Вториот страв е оној совршениот. Тој страв е ослободен од плашливоста, заради што и се нарекува чист, и за него се кажува дека останува вечно (Пс. 19, 9). Каков е тој страв и зошто тој е совршен? Затоа што оној кој во себе го носи е потполно восхитен од љубовта. И тој се труди, со сите сили, за ништо да не му недостасува од она што, човекот кој силно љуби, ќе мора да го направи за оној кон кого е упатена неговата љубов.

Блажени Теофилакт Охридски