Трогателна е сцената, каде Христос се приведува како младенец во Храмот. Предвечниот Бог, Кој како Логос Божји истовремено беше постојано соединет со Својот Отец и со Светиот Дух, и Кој го управуваше светот, сета вселена, се јавува како младенец во Храмот, наоѓајќи се во прегратката на Својата мајка.

Иако Христос беше младенец, Тој истовремено беше и „предвечен Бог“, и затоа беше помудар од секој друг. Знаеме дека преку соединувањето на Бога и човекот во личноста на Словото, во утробата на Богородица, човечката природа се обожи, и затоа Христовата душа беше богата со полнотата на мудроста и знаењето. Таа мудрост се изразуваше соодветно на Неговата возраст, затоа што ако се случуваше поинаку, би изгледало дека Тој е чудовиште (св. Јован Дамаскин). Во секој случај, иако Христос беше младенец, сепак беше Бог, имајќи ја во телото сета полнота на Божеството, а со силата на ипостасното соединување на Божјата и човечката природа, и сета човечка мудрост и знаење.

Преку Неговата бебешка возраст, Он го исцели „бебешкиот начин на мислење на Адама“. Кога Бог го создаде Адама во Рајот, Адам беше младенец во однос на благодатта и осветувањето. Секако, тој имаше просветлување на умот, но требаше да биде испитан и да стаса до обожувањето. Бидејќи беше младенец и духовно недораснат, и бидејќи имаше младешки начин на мислење, затоа и беше лесно измамен од лукавиот демон, кој созреа во гревот и во лукавството. Затоа Христос, имајќи ја младата телесна возраст, го исцели не само младешкиот начин на мислење на Адама, туку и целата човечката природа, и го направи она што не успеа да го направи првиот човек. Така, со вочовечувањето на Неговиот Син, Бог Отецот го направи посигурно и поизводливо обожувањето на човекот. Веќе, не можеше ѓаволот да ја измами човечката природа во Христа, како што тоа лесно го направи со првиот Адам.

Смирението на Синот и Логосот Божји, како што се гледа и во случајот на Неговото принесување во Храмот, го надмина и сфаќањето на ангелите, бидејќи и тие се изненадија од бескрајната Божја снисходливост. Пророкот Авакум, вака го пророкува вочовечувањето на Словото Божјо: „Бог дојде од Теман и Светиот од гората Фаран. Неговото величие ги покри небесата и славата Негова ја исполни земјата“ (Авакум 3, 3). Преку зборот „величие“ се подразбира вочовечувањето и снисходењето на Логосот Божји. „Ги покри небесата“ – означува дека ја покри височината на ангелите, бидејќи и ангелите се зачудија гледајќи го бескрајното и неискажливо снисходење на Словото Божјо.

Митрополит Јеротеј Влахос