Постои голема поврзаност помеѓу празникот на воскресението на Лазара и триумфалното влегување на Христа во Ерусалим. Воскресението на Лазара е образ на тридневното Христово воскресение и на општото воскресение на луѓето, а триумфалниот пречек на Христа во Ерусалим се случил токму затоа што Јудејците беа зачудени од тој нечуен до тогаш настан.

Св. Кирил Александриски, во негова беседа на Неделата на Цветници, се осврнува на релацијата, но и на разликата помеѓу двата големи Господови празници. Вчера, вели, т.е. на Лазаревата Сабота, празнуваше Витанија, денес, т.е. на Неделата на Цветници, целата Црква го прима Божјото присуство. Вчера Христос му подари живот на друг, т.е. на Лазара, денес Самиот доаѓа кон смртта. Вчера воскресна четиридневниот, денес доаѓа во Ерусалим тридневниот.

Како што постои единство во сите Господови празници, така може да се најде единство, но и разлика, помеѓу Витлеем и Витанија, т.е. помеѓу Христовото Раѓање и Витанија, односно Ерусалим.

Тогаш во Витлеем беа Марија и Саломија, сега во Витанија се Марија и Марта. Таму Го гледаме Христа во пелени, овде го гледаме Лазара обвиткан со бели ленти. Таму јасли, овде гроб. Таму се вознемири Ирод и Ерусалим со Раѓањето Христово, овде Ерусалим се вознемирува и фарисеите го бунтуваат народот, со воскресението на Лазара. Таму се чудат Пастирите, овде свештениците негодуваат. Таму Кралевите Му се поклонија на Христа принесувајќи ги даровите, овде се бунтуваат против Христа бидувајќи Богоборци. Таму децата, кои беа убиени од Ирод, плачејќи принесоа погребни песни, овде народот, предводен од деца, Му упатува на Христа победна песна. Преку сето ова се гледа помраченоста на умот на Јудејците, што се покажува тогаш кога Христос се јавува Воплотен, и сега кога се воспева Распнат.

Навистина, Христос при Неговото јавување во светот предизвика голема возбуда и бунт. Луѓето не можеа да го издржат Божјото присуство помеѓу нив. Човештвото беше толку повредено од гревот што и најсмиреното присуство на Христа предизвикуваше најдлабока болка, па макар и да е тоа присуство заради нивно исцелување. Целокупното човештво беше една голема рана.

Поради таквата состојба, Христос се јавува многу смирено и не сака многу да ја предизвика манијата и страста кај луѓето. Затоа, впрочем, и Христос секогаш се објавува скриен и се крие објавувајќи се. Само оние кои имаат духовни критериуми и чувствително срце можат Него да Го препознаат.

Со акламациите на народот за воскреснувањето на Лазара, и покрај народните очекувања, „царското влегување“, т.е. влегувањето на Царот Христос во Ерусалим, се случува со најдлабоко смирение.

Настаните што се случија при Христовото влегување во градот, каде што по неколку дена ќе претрпи многу измачувања и ќе биде распнат и ќе воскресне, ги опишуваат Евангелистите (Мат. 21, 1-11; Марко. 11, 1-10; Лука. 19, 28-41; Јован. 12, 12-16.).

Влегувањето на Христа во Ерусалим, впрочем како и сите Господови собитија, беа пророкувани во Стариот Завет од Пророците. Пророкот Захарија прорече: „Ликувај во радост ќерко Сионова, извикај, ќерко Ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, кое е рожба на ослицата. Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрема и коњите на Ерусалим, и ќе се скрши убојниот лак; и Он ќе објави мир на народите, и Царството Негово ќе се протега од море до море, и од самата река до краиштата на земјата“ (Зах. 9, 9-10).

Присуството на Христа е присуство на човекољубие, а не на правосудие, присуство на снисходење, а не на казна. Христос се вочовечи и дојде во Ерусалим со обличје на слуга, како младоженец и како јагне многу смирено и непорочно што се принесува за жртва, како капка што паѓа врз волнено руно, и на тој смирен начин ги симна силните од престолите, а ги издигна смирените (св. Кирил Александриски). Како што младоженецот приоѓа кон бракот не со власт и сила, туку со љубов и смирение, така и Христос дојде при луѓето. Впрочем љубовта не може да биде поврзана со господство и со тиранија.

Христос е Царот на новиот Израил, на Божјата благодат. Но, Он Своето Царство не го прави со световна слава и со световен начин на мислење. Тоа е царство на љубов и смирение. Христос не доаѓа во Ерусалим како другите цареви и господари во историјата, не е некој злосторник и угнетувач којшто е придружуван од бранители, ниту влече со себе мноштво војници. Не е како царевите и господарите кои бараат од луѓето даноци, робувања и груби служења. Знаме Христово е смирението, сиромаштвото и понизноста (св. Григориј Палама).

Светите Отци, кога го коментираат Христовото влегување во Ерусалим, предвид ја имаат вообичаената слика од нивната епоха, кога разни цареви и војсководци влегувале во градовите со власт и со многу сила. Меѓутоа Христос нема таква власт, ниту сака да им се наметнува на луѓето на таков начин. Затоа св. Епифаниј Кипарски ќе рече дека Христос немаше жезли и труби, туку се појави со крајно сиромаштво. Не се носеше со мечови, оружја и копја, како што тогаш биле придружувани земните господари, туку се носеше врз крајното смирение. Немаше вооружни луѓе, штитови и шлемови, туку крајна кротост, бескрајна незлобивост и наизмерна умереност.

Христовото смирение не е една лицемерна надворешна добродетел, туку е израз на Неговата љубов и на Неговата едноставност. Оној, којшто е едноставен во однос на природата, но и љуби, тој истовремено е и смирен. Според тоа, Христовото смирение, поврзано со Неговата едноставност и љубов, всушност е Неговата несоздадена енергија, која произлегува од простата природа на Божеството. Затоа, кога светителите се удостојуваат да Го видат Христа во Неговата слава, бидуваат поробени од Неговата љубов и смирение. Христос е кроток и смирен по срце, како што впрочем тоа и Самиот го објави.

Митрополит Јеротеј Влахос