Премолчаниот грев е гнојна рана во душата. Ние за добродетел го сметаме не она што му прави рани и му штети на телото, туку напротив, она што штетите и раните ги изнесува нанадвор… Така, очигледно е дека ако се крие гревот, значи дека се подготвува болниот за смрт. Зашто е речено: „Осилката на смртта е гревот“ (1. Кор. 15, 56). „Подобро е отворено разобличување, отколку скриена љубов“ (Изр. 27, 5). Ете затоа не треба и на другите да ги криеш гревовите, за да не станеш братоубиец наместо братољубец. Не прикривај ги ниту своите гревови. Зашто е речено: „Оној што не се лекува од гревот, е брат на оној што се уништува себеси“… И ако за преобраќање на некого, како коринтски блудник, се покаже дека е недоволна осудата и укорот од многумина, тогаш на таквиот треба да се гледа како на јазичник.

Свети Василиј Велики бил запрашан:

– Оној што му дозволува на другиот да стори грев, виновен ли е за гревот?

– Тоа е очигледно од зборовите на Господа, Кој на Пилат му рече: „Поголем грев има оној што на тебе ме предаде“ (Јован 19, 17).

– А, треба ли да молчиме кога другите грешат?

– Дека тоа не треба да се случи, гледаме од заповедите на Господа, Кој во Стариот Завет рече: „Изобличи го својот ближен и тоа нема да ти се прими како грев“ (Лев. 19, 17).

– Треба ли да го сметаме сатаната за виновен за човечки гревови?

„Не мислам дека самиот сатана може да биде виновник за нечиј грев… Тој ги користи природните процеси, како што се обидел да стори со Господа кога дознал дека Тој гладува…“ (Мат. 4, 3), а и забранетите страсти, како што сторил со Јуда… а дека злото се јавува во нас самите, тоа јасно Господ го посочува, велејќи: „Од срцето излегуваат лошите помисли…“ (Мат. 15, 19). И ова им се случува на оние кои, поради небрежност, ги оставаат во себе необработени природните семиња на доброто… (Изр. 24, 30-31).

Св. Василиј Велики