Како што телото умира кога од него се одвојува душата, така и душата загинува тогаш кога од неа се одвојува Светиот Дух. Осилото на оваа смрт е гревот, бидејќи смртта и гнилежноста се последица на гревот. Преку гревот душата умира за вечниот живот, одвојувајќи се од Светиот Дух и од Неговото Царство.

Гледате ли каков е односот помеѓу душата и телото, односно дека телото не може да живее без душата? И на кој начин душата се оддалечува и го остава телото со кое била заедно, и со чие посредство ја покажувала својата сила и дејствителност?

Гледајќи го ова, добро е да помислите дека на сличен начин и првосоздадениот човек бил соединет со Светиот Дух, со Бог Создателот на сѐ, но бидејќи бил опрелестен од лукавиот ѓавол и ја злоупотребил слободната волја со која Бог го обдарил, ја прекршил заповедта Божја и веднаш бил лишен од благодатта на Светиот Дух која го закрилувала. После ова умрела и душата, а потоа и телото; и телесната смрт се случила на таков начин што за нас станала видлива. Ние исто така можеме да ја замислиме и смртта на душата која е невидлива, зашто смртта и пропаѓањето на телото е подобна на смртта и развратот на душата.

Меѓутоа, поинаква е природата на телото, а поинаква е и природата на душата. Природата на душата е мисловна, додека природата на телото е сетилна. И уште нешто: најпрво телото се развратило, а потоа и умрело, зашто од него излегла душата – тоа всушност е телесната смрт; но со душата не било така: таа најпрвин умрела бидејќи била напуштена од Божјата благодат, а дури потоа се развратила.

Осквернувањето на душата е скршнување од патот на непосредната и вистинска мудрост. Всушност, вистинската мудрост, откако почнала похотно да жеднее за сѐ што е зло, станала развратна и изопачена. Зашто, кога ќе се развратат помислите, во истиот момент како трње и боцки во душата почнуваат да растат фиданките на злото. На тој начин, како што во мртвото тело се намножуваат црвите, така бива и со душата лишена од благодатта Божја. Во неа исто како да се намножиле црви – завист, лукавство, лага, омраза, непријателство, навреда, злопамтење, клевета, гнев, жестокост, тага, одмазда, гордост, нечувствителност, суета, немилосрдност, зајадливост, крадливост, неправда, неразумна похота, озборување, судење на другите, завидливост… и секое друго зло кое е одвратно пред Бога; со тоа човекот веќе престанал да биде според образот и подобието Божјо, онаков каков што е создаден во почетокот, туку почнал да поприма образ и подобие на ѓаволот, од кого пак исходи секое зло.

Свети Симеон Нов Богослов