Целомудрието не е систем на забрани

Кога ние зборуваме дека гревопадот го изопачил образот Божји во човекот, треба да помниме дека тоа не ја допрело само сексуалната сфера – изопачени се и умот, и волјата, и сите човечки чувства, така што да се укажува особено на интимната страна, во најмала рака е некоректно.

Но, освен тоа сите Божји дарови може и треба да бидат во функција на спасението, дури и ако тие се изопачени од првородниот грев. Безусловно, и интимната блискоста како исполнување на љубовта исто така треба. А прашањето, како тоа ќе биде, се определува од личната внатрешна слобода на секое семејство и зависи само од самите сопружници – од никој друг и ништо друго.

И тука, особено прашање е вмешувањето на свештеникот во интимната сфера од животот на сопружниците: треба да се укаже дека тоа може да нанесе многу сериозна штета на семејната благосостојба. Знаете, кај нас во некои места сè уште постои една дива практика: свештениците да не им дозволуваат Причест на младоженците за време на венчавањето од причина што ним им претстои првата брачна ноќ.

„Како може да се причестите, а потоа ќе го правите „она‘? Таквото причестување ќе ви биде само за осуда!“ Тука се појавува потполно неразбирање на фактот дека и едното и другото, во суштина, се свети тајни: таинството на причестувањето со Телото Христово, Неговата плот и таинството на сопружничкото соединување во едно тело.

Во ова приближно се причините зошто целомудрието кај нас се разбира како систем на забрани. Така понекогаш ги учат децата и тинејџерите на целомудрие: постојано им говорат што не треба да прават, каде не треба да гледаат, што не треба да слушаат, за што да не зборуваат, што да не чувствуваат и што да не си дозволуваат.

Но очигледно, во нашето општество тој систем на забрани веќе одамна не функционира. Некогаш функционирал: во 19. и можеби во првата половина на 20. век, бидејќи социјалните односи биле построени на тој начин што целото надворешно поведение на човекот било под контрола на општественото сознание. Но сега, дури и за други нешта, овој систем во принцип е безживотен.

Правилното разбирање на целомудрието произлегува од правилното разбирање на сопружничкото соединување: тоа е една голема тајна, во која двајца стануваат едно битие; тоа не е предавање на грешната природа, туку величествен дар, како и сè што е дадено за создавање на нешто величествено.

Целомудрието не може да се сфаќа како некоја техничка работа, како некој противотров на скверната, под која се подразбира во овој случај секоја физичка блискост, дури и по венчавањето.

Во врска со ова, го помнам прашањето што ми го постави една жена христијанка, која имаше компликации во бракот; ова не е тајна на исповед, туку стануваше збор за едноставен разговор. „Отец, кога ми се случува да бидам блиска со сопругот, цело време ја кажувам Исусовата молитва. Дали правилно постапувам?“ …

Опитот на познание

Човечката љубов се остварува преку познание. Зашто можеш да го љубиш само оној кого ти го знаеш, и тоа не едноставно да го знаеш, туку и вистински длабоко си го познал – и можеш да му веруваш само на оној кого го знаеш. Нам ни е дадена заповед да Го возљубиме Господа Бога со сето срце свое, со сета мисла своја, со сета душа своја, со сиот разум свој и сета сила своја (сп. Лука 12,30). „Сета сила“ значи со целото тело, т.е. и тоа претставува љубов – разбирате? Вклучувајќи го и нашето тело.

И познанието, во таа смисла, телесно. Затоа Адам и Ева се познале еден со друг и се соединиле во таа љубов. Може дури да кажеме дека преку тоа човештвото добило можност да се движи понатаму, т.е. да Го познава Бога, веќе имајќи опит на познание – опит на заемно проникнување, соединување во едно.

Богопознанието е пат на желбата за тоа проникнување: Бог, Кој докрај нè знае нас, да нè пронижи со Својата љубов и тоа знаење да предизвика во нас таква силна пронижувачка желба да Го познаеме. Најпрвин – во тајната на Евхаристијата. Црквата е исто така форма на соединување, само сосема поинаква: соединување во кое ние стануваме едно тело со Христа, во кое ние и Тој буквално еден во друг проникнуваме.

Љубовта е она што прави едно битие. И сопружниците во таа љубов можат да станат толку единствени, што ним веќе нема да им биде потребно телесно соединување. Затоа е и напишано дека во Царството Небесно веќе нема да се женат и доближуваат еден кон друг (види Матеј 22,30), затоа што таму веќе сите се едно, веќе сите се пронижени со таа љубов и соединети еден со друг во единствената заедница на Светиот Дух.

Родените од тело

Христос на земјата се раѓа реално, во тело. И Црквата исто така се раѓа, на почетокот за тоа кажавме: имено дека се раѓа, а не создава. Тоа е раѓање на земјата на истата плот Христова, на истото тело Христово. Често мислиме за раѓањето од Дух во некаква завршена категорија: ние ја примивме Светата Тајна Крштение – и тоа раѓање од Дух се извршило.

Но не, тоа не се извршило, туку се извршува. Човекот се раѓа во Црквата, се раѓа во плотта Христова. И кога читаме во Евангелието: Роденото од тело е тело, а роденото од Дух е дух (Јован 3,6), не треба тоа да го разбираме како спротивставување: од Духот е добро да се роди, а од телото – лошо. Кога говориме дека родениот од тело е тело, станува збор за нас и за Христа: ние сме родени од Неговото тело и затоа Црквата е Света Тајна на раѓањето. Како што велел св. Атанасиј Велики, Бог стана човек, за човекот да стане Бог.

И токму ова раѓање од телото Христово и е најглавното во Црквата – тоа ги прави бестелесниот, вечниот, семоќен Бог и телесниот, ограничен, смртен човек едно – и не едноставно едно, туку едно во тело. Зашто и вознесението Христово се случило во тело – Тој во тело седнал оддесно на Отецот, и ние исто така телесно ќе воскреснеме. И нашите тела ќе бидат соприродни на Самиот Христос: коска од Неговите коски, плот од Неговата плот – тоа сме ние.

Се сеќавам, раскажував за смислата на Евхаристијата, за тоа зошто се причестуваме. Треба да се спомне дека многумина од нас се навикнале дека Причеста е наше лично дело, наше лично осветување, дека се причестуваме кога нам ни е потребно – за да добиеме сили, за да се излечиме од болест, да се избавиме од гревови, т.е. да добиеме некаква духовна помош.

И јас се обидов да објаснам дека Причеста е нешто сосема друго. Тоа е истото она кога, на пример, жена седи и во нејзините раце има бебе. И за неа нема некој помил – тоа е нејзино тело и крв. Така и ние сме во рацете Господови и тоа што преку причестувањето, преку тоа заемно проникнување, Му стануваме Нему веќе совршено родни, ни се дава можност во буквална смисла да бидеме Негови деца и да Го нарекуваме Него свој Отец.

http://mistagogia.mk/uminski-za-sopruznickite-odnosi/