Ние многу сме се навикнале на зборовите дека Црквата е тело Христово и тие зборови понекогаш ги разбираме некако апстрактно, некако богословски оддалечено: небаре тоа не е вистинското тело Христово, ами некој образ, символ што треба да си го одгатнеме. Притоа, во апостолските посланија апостолот Павле совршено ја истакнува конкретната телесност: Црквата е плотта Христова.
Свети Јован Златоуст во едно од своите огласителни слова го вели следново: „Црквата исходи од реброто на Христа, како што од реброто на Адама произлегла неговата сопруга Ева.“ За истото сведочи и апостол Павле кога вели: ние сме членови на Неговото тело, од плотта Негова и коските Негови (Ефес. 5,30). И сам по себе, библискиот расказ исто така ни говори нам не за апстрактно „создавање“, туку за раѓање на Црквата.
Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив – вели Христос (Матеј 18,20). И од ова можеме да разбереме дека целото човештво било замислено од Бога како црква. Целото човештво се разбира во рамките на некое сеопшто единство во Бога – и во таа смисла, првата Црква се создава во лицето на првиот човек Адам и неговата жена Ева.
Според мислењето на некои свети отци, Бог, создавајќи ја Ева од реброто на Адам, го одделува машкото од женското. Но, јас овде би сакал да искажам една сосема друга мисла: имено обратно – не се разделува машкото од женското, туку се создава машко и се создава женско, и тоа како нешто сосема посебно.
Целиот животински свет веќе живее во полова разделеност: во него има единки, припадници на едниот пол и припадници на другиот пол. Адам и Ева не се во тој ред: тие не се единки, тие не се „припадници“ – тие се луѓе, човештво. И во човекот не се создава пол, туку се создава машко и женско – се создава онаа различност која дава можност на двајца луѓе да се дополнуваат еден друг во љубов. Тоа истовремено е и разоткривање на Адам до некоја полнота, и некоја поделба на човекот, во која едниот без другиот не е целосен, едниот без другиот не е сосема човек. Кај животните нема машко и женско – кај нив нема потреба за единство, нивната полова функција постои само за да се продолжува родот.
А кај човекот е сè поинаку: тоа е основано на некоја голема потреба за другиот, и без таа потреба во човекот не се раѓа она најглавното. Црквата, пак, е оној организам на љубовта, каде секој има потреба од другиот. Ако на човекот никој не му е потребен, тогаш тој во некоја смисла, како што велел преподобниот Јустин Поповиќ, е „вончовек“ или „покрајчовек“.
Да се умножи не бројноста, туку љубовта
Адам вака вели за Ева: еве, коска од моите коски и плот од мојата плот (1. Мојс. 2,23). Како што спомнавме, истото го вели и апостол Павле за односот на Христа и Црквата. За истото се говори и во чинот на венчавање: „Боже Свет, Кој си го создал човекот од земја и од реброто си ја образувал жената, давајќи му помошник сличен нему, зашто така било угодно на Твоето Величие, човекот да не биде сам на земјата.“
Тука се наоѓа одговор на тоа што е целта на бракот и зошто бракот постои. Многу често може да се слушне дека христијанскиот брак за своја цел го има детераѓањето – но не. Детераѓањето е природа на бракот и таа е таква кај сите народи, во сите вери – ама целта на христијанскиот брак е исполнувањето на љубовта.
Тука може да се приведе аналогија со тајната на Света Троица: секоја Нејзина ипостас е исполнета со љубовна смисла – љубовта отечка, љубовта синовска и љубовта утешителна, т.е. фактичката мајчинска љубов на Светиот Дух.
И затоа соединувањето во бракот не е само соединување во природата. Тоа е соединување во образот Божји, даден на човекот. Имено, тоа е токму дејствието на љубовта. И во врска со ова би сакал да кажам нешто за интимноста во семејството. Оваа тема која обично се подложува, така да кажеме, на многу строг поглед. Помеѓу верниците честопати има мислење дека интимните односи во семејството, дека сопружничкото соединување постои исклучиво заради функцијата на детераѓањето: плодете се и множете се (1. Мојс. 1,22) и наполнете ја земјата.
Да, и таа заповед му е дадена на човекот, без сомнеж. Но таа не е даде на начин, како што била дадена на животинскиот свет. Станува збор за сосема друга категорија на одговорност, зашто оваа заповед не е за умножување на бројноста, туку заповед за умножување на љубовта.
И човекот да се расплодува, не секогаш значи едноставно буквално да го умножува бројот на човечките суштества; да се расплодува и да се множи на земјата со човештвото, со љубов да ја исполнува.
Интимните односи меѓу мажот и жената пред бракот и надвор од бракот од Црквата се гледаат како грев на блуд и тоа е сосема правилно: христијанинот е повикан да ја запазува чистотата и целомудрието не само во делата, туку и во помислите, зашто похотта откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот направен раѓа смрт, како што вели апостолот Јаков (сп. Јаков 1,15). Апостолот Павле уверува дека блудниците нема да го наследат Царството Божјо (сп. 1. Кор. 6,9).
Канонската норма определува одлачување од Причест за гревот на блуд седум години, за прељуба – петнаесет. И треба да се разбере, дека ова се вовело не само затоа што гревот на блудот има многу сериозни разрушувачки дејствија врз човекот, но и заради тоа што односите меѓу мажот и жената, дадени од Бога, се толку возвишени, толку свети и толку таинствени.
Но, понекогаш може да се слушне и ова: дека самото соединување на мажот и жената е гревовно, дека тоа е само покорување на телото и дека тоа е нешто што може да се ползува само по назначување – заради раѓање деца. Од ова се извлекуваат два заклучоци: дека односите меѓу сопружниците не можат да бидат „чисти“ по дефиниција и дека секое соединување, кое не е со цел за зачнување, претставува грев.
Поаѓајќи од ваквите погледи на интимната блискост, сопружниците верници почнуваат да ги избегнуваат тие односи, пазејќи се да пројавуваат нежност еден кон друг, имаат чувство на вина. Тоа доведува до оладување помеѓу нив, а понекогаш и до растурање на бракот. Претераното и неоправдано сопружничко воздржување може да стане причина за психички сломови; а се случува и нешто друго, а тоа е уште полошо – принудена и наметната многудетност, која семејството не може да ја понесе, заради што најмногу страдаат самите деца.
(продолжува)
http://mistagogia.mk/uminski-za-sopruznickite-odnosi/