Подвоена реалност и лицемерие

Отец Фотиј

“Дали Бог ќе го послушате во секојдневниот живот или не, тоа е ваш избор. Зошто? Затоа што постои голем тренд да имаме една реалност во манастирот или храмот а друга реалност надвор од него. Не постои таква подвоена реалност. Јас сум монах и тука, и на Аљаска, и во Јапонија, и во Кореја, секаде сум истиот. Христијанин сум секаде, човек сум секаде. Вие сте христијани и на Нова Година, и во ресторан, и на слава и секаде. Како духовник јас не сум со вас на тие места, но Светиот Дух е со вас. И сами да останете на Земјата, Светиот Дух повторно ќе биде со вас. Вам ви пречат сите, постојано се правдате, ете и сами да останете во пустина, никого да не гледате ниту слушате, можете толку многу да згрешите самите да се ставите во пеколот а може и со мнозина луѓе да бидете, никогаш на никого да не погрешите, никогаш да не го прекршите зборот Господов и да бидете во Рајот со сите. Како? Едноставно постапувајќи по зборовите: мојот брат е мојот живот. Или мојата сестра е мојот живот. Или секој што е до мене е мојот живот. Што не посакуваш за себе, не посакуваш и за својот ближен а што посакуваш за себе посакуваш и за него. Св.Јован Кронштатски ќе рече: “Биди дарежлив кон другите и немој да им даваш според заслугата туку според нивната потреба. Сето добро што им го правиш на другите, ќе ти биде вратено порано или подоцна, како што и сето зло што си го нанел некому се враќа во твоjата внатрешност”.
Преземено од Симеон Стефковски