Отец Јован прв пат го видов во Кронштат, додека служеше Литургија. Сè до сега, јас ѝ се восхитувам на силата на неговата молитва. Оттогаш изминаа скоро четириесет години. Не сум видел некој да богослужи така како него. Народот го љубеше и сите стоеја простум со страв Божји. И зарем не е прекрасно: Светиот Дух ги привлекува кон Себе човечките срца. Од Евангелието можеме да видиме колку многу народ одеше по Господа. Словото Господово го привлекуваше народот, оти тоа се кажува преку Светиот Дух и затоа и е благопријатно на душата.

На патот за Емаус, на Лука и на Клеопа им се приближи Господ и зборуваше со нив. Тогаш, нивните срца гореа од љубовта спрема Бога. И отец Јован во себе изобилно Го имаше Светиот Дух, Кој ја стоплуваше неговата душа да Го љуби Бога. Истиот Тој Дух, преку него дејствуваше и врз луѓето. Видов како луѓето трчаат по него за да добијат благослов, радувајќи се, бидејќи Светиот Дух е пријатен и ја исполнува душата со умиление.

Некои луѓе имаат лошо мислење за отец Јован, со што го жалостат Светиот Дух, Кој живееше во него, Кој живее и сега, по неговата смрт. Тие даваат забелешки за неговото богатсво и за убавата облека. Но, не знаат дека оној во кого живее Светиот Дух, богатството не може да му наштети, бидејќи целата негова душа е во Бога и дека е целата изменета во Бога, го заборава своето богатство и раскош. Луѓето кои го љубат отец Јован се среќни, бидејќи тој се моли за нив. Неговата љубов спрема Бога е огнена, тој целиот е во пламенот на таа љубов.

О, голем оче Јоване, молитвенику наш! Му благодарам на Бога што те запознав. Ти благодарам и тебе пастиру добар и свет, оти заради твоите молитви јас го оставив светот и заминав на Света Гора Атонска, каде доживеав голема милост од Бога. И сега пишувам радувајќи се, бидејќи Господ ми даде да го сфатам животот и подвигот на добриот пастир.

Голем е подвигот да живееш со млада жена, без да ја допреш. Во тоа успеваат само оние што во себе Го чувствуваат Светиот Дух. Он ја победува љубовта на привлечната жена. Мнозина од светииите се плашеа од близината на жените, а отец Јован и среде нив Го имаше Светиот Дух, чијашто сладост ја надминува телесната љубов. Уште ќе додадам дека тој беше толку смирен, што не ја губеше благодатта на Светиот Дух. Затоа, толку многу ги љубеше луѓето и нивните умови ги приведуваше кон Бога.

Ја гледаш ли силата на Светиот Дух? Кога ја читаш неговата книга „Мојот живот во Христа“, душата ја чувствува силата н благодатта Божија во зборовите. Ти велиш: „Јас читам, но ништо не чувствувам.“ Но, јас ќе те прашам: „Нели е така заради тоа што си горд?“ А благодатта не го допира гордото срце!

О, оче Јоване, ти сега живееш на небеста и Го гледаш Господа, Кого Го возљуби твојата душа уште на земјата. Те молиме да се молиш за нас и ние да Го возљубиме Господа и да принесеме покајание, за да го орадостиме Господ.

О, добар и свет пастиру! Ти се издигна над големата Русија како орел што високо лета, гледајќи ги потребите на народот од  височината каде те возведе Светиот Дух, Кој живееше во тебе. Со силата на Светиот Дух ти ги привлекуваше луѓето кон Бога и тие слушајќи го Божјото слово од твојата уста, оплакуваа и принесуваа топло покајание.

О, голем и добар пастиру! Иако со телото умре, твојот дух е со нас! Стоејќи пред Бога во Светиот Дух нè гледаш од небесата. И ние смирено те почитуваме!

 

Старец Силуан

Извадок од книгата: „Таговна радост – радосна тага“