На 25 март 2021 година во 19 часот  во изложбениот салон на Завод и музеј Струмица ќе биде отворена самостојната изложба на уметникот Ѓорги Динев

Во делата на Ѓорги Динев има едно парче небо искинато и залепено врз еден сив простор пресечен од една вертикала. Една згрутчена маса црна боја која се шири како дамка врз телото на сликата. Еден предел опустошен и сув. Хаотични линии кои се движат според бурата на нервите. Пори на жив организам полни со сок. Можеби тука се кријат пејзажи? Но, и ако ги има, тоа се пејзажи на душата која трага по својата смисла. Душата во дисхармонија со телото. Кога го прашаа еднаш Џексон Полок, дали би сликал пејзажи, тој одговори – „Јас сум пејзаж!“. Дури и да има перспектива, таа е внатрешна перспектива, велат од Здружението за култура Транзен од Струмица.

Еден плус еден не е два, туку само едно поголемо „еден“. Невозможноста да се одговори на прашањето лежи во погрешното поставување на тезата. Ликовниот уметник подобро да не биде прашан, затоа што тој тогаш нема да знае да ви одговори. Ако не го прашате, ќе знае. Така милуваше да се одбрани од бесмислените прашања Св. Августин, стои во најавата на изложбата.