„Застанав на својата стража“ – вели необичниот Авакум. Застанувам со него сега и јас, по дадената ми од Духот власт и осознавање; ќе разгледам и ќе дознаам што ќе ми биде покажано и што ќе ми биде речено. Јас стоев и гледав, и ете маж кој слегуваше на облак, маж извонредно висок и образот му е како образ на Ангел, и облеката му е како блесок на краткотрајна молња. Ја простира тој раката кон исток, воскликнува со громогласен глас, а гласот му беше како глас на труба, и околу него стоеше некакво бројно небесно воинство, па рече: „Сега е спасението на светот, на светот видлив и на светот невидлив! Христос воскресна од мртвите – воскреснете со Него и вие; Христос е во Својата слава – вознесете се и вие; Христос е вон гробот – ослободете се од веригите на гревот; се отвораат вратите на адот, се уништува смртта, се ослободува стариот Адам, се образува нов, зашто, кој е со Христа, тој е нова твар; обновете се сите!“ Така говори Ангелот, а другите го запеаја тоа што и порано го пееја кога ни се јави Христос преку земното раѓање: „Слава на Бога во височините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2, 14).

Со нив и јас – о, ако би имал глас достоен за ангелска песна, кој ќе огласи до краиштата на светот – ви проповедам вака: Пасха! Господова Пасха – и пак ќе кажам во чест на Света Троица: Пасха! Таа во нас е празник над празниците и торжество над торжествата; таа толку ги надминува сите торжества, колку што сонцето ги надминува ѕвездите, и тоа не само човечките и земните, но дури и Христовите и за Христа определените. Вчера кај нас сјаеше и блескаше сѐ во прекрасна светлина со која ги исполнивме своите чесни домови и општествените места, тогаш кога луѓе од секаква возраст и секоја положба обилно и штедро ја осветлија ноќта, како символ на големата светлина која небото ја разлева над целиот свет. Меѓутоа, попрекрасна и поблескава е сегашната светозарност, зашто вчерашната светлина беше претеча на големата и воскресната светлина, некако како предпразнична веселба – сега, пак, го чувствуваме самото Воскресение, кое уште е неочекувано, но кое веќе во мир е извршено за целиот свет. Таков е празникот кој ти сега го празнуваш! Таква е веселбата која ти ја предлага Оној на денот на Своето раѓање, Оној Кој заради тебе се роди и на денот на погребението, Оној Кој заради тебе пострада. Такво е за тебе таинството на Пасхата. Тоа го пропишал законот, тоа го извршил Христос – рушителот на буквата на законот, исполнителот на духот. Со Своите страдања Он нѐ учи како да страдаме, а со Своето прославување ни дава можност како да се прославиме со Него. Ако Му се уподобуваме – ние ќе се ослободиме од гревот, од ропството во Египет: огнен столб и ден и ноќ ќе нѐ води во животот, пустината ќе стане плодородна, морето ќе се раздели, фараонот ќе биде потопен, ќе паѓа манна, каменот ќе даде вода, Амалик ќе биде победен, крстот ќе восторжествува!

Св. Григориј Богослов