На умот му е својствен природниот гнев спрема страстите. Во човекот треба да има гнев против сè што внесува нечистотија во него и против сето она што во него го сејат неговите духовни непријатели. Сакајќи да дојде до овој гнев, кој му е природен и својствен на умот, тој ги отстранува сите свои желби сè додека не дојде во состојба, во која и душата и телото потполно ќе му бидат потчинети на духот.
Борејќи се против непријателот, кога ќе видиш дека неговите сили ослабнуваат и почнуваат да бегаат од тебе, нека не се радува твоето срце, зашто тој направил стапица за тебе. Тој ти подготвува напад пострашен од првиот. Отстапувајќи пред тебе, тој остава во заседа, зад твојот град, голем дел од своите сили, кои се имаат притаено и воопшто не се придвижуваат. Кога ти си ги нападнал, тие избегале од тебе, како да се немоќни.
Но, ако твоето срце се возгордее и си помислиш дека ти си ги протерал, тогаш и тие што се во заседа, во заднина, ќе се воздигнат и ќе се свртат против тебе, па и тие што пред малку бегале ќе те заобиколат од сите страни, така што не ќе имаш каде да се засолниш.
Овој град е молитвата, борбата против непријателите со помошта на Господа Исуса Христа е борбата против лошите помисли, а борбата против нив е светиот и природен гнев.
Да стоиме, возљубени браќа, во стравот Божји, да внимаваме на себеси, да ги пазиме добродетелите, да не ѝ ставиме сопка на нашата совест, сè додека и таа не се ослободи заедно со нас, така што меѓу нас и неа да има единство, и најпосле да стане наша пазителка и да ни укажува на сè од што можеме да се сопнеме.
Но, ако почнеме да не ја слушаме, таа ќе отстапи од нас и ќе нè напушти. Тогаш ќе паднеме во рацете на нашите непријатели, кои веќе нема да нè ослободат, како што ни говори нашиот Господ: „Измири се со противникот твој на време, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на слугата и да бидеш затворен; вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сѐ дури не го дадеш и последниот кодрант“ (Матеј 5, 25).
Се вели дека противникот е нашата совест, зашто таа му се спротивставува на човекот кој сака да ја извршува волјата на своето тело. Ако тој не ја послуша својата совест, таа го предава на неговите непријатели.
Ава Исаија Отшелник