Им пишувам на сите Цркви, низ кои поминувам, и на сите им порачувам – дека доброволно умирам за Христа, ако вие во тоа не ме спречите. Ве молам, немојте да ми укажувате несоодветна наклонетост. Оставете ме да бидам храна за ѕверовите, преку тоа може да се стигне до Бога.

Пченица сум Божја, и се мелам од забите на ѕверовите, та да бидам чист леб пред Христа.

За ништо нема да ми користи насладата од овој свет, ниту сите царства на овој век. Подобро ми е да умрам во Христа Исуса, отколку да царувам над земните краишта.

Него Го барам – за нас Починатиот; Него Го сакам – за нас Воскреснатиот, а мене што туку ми претстои новото раѓање.

Љубовта моја се распна, и го нема во мене огнот што сака што било материјално. Во мене има жива вода што жубори, која одвнатре ми зборува: Ајде кај Отецот!

Не уживам во храната гнилежна; ниту, пак, во сластите на овој живот. Лебот Божји го сакам, кој е телото на Исуса Христа – родениот од семето Давидово; и питие сакам – крвта Негова, која е љубов нераспадлива.

Свети Игнатиј Богоносец