Возљубената: Јас сум саронски нарцис, долински крин!

Возљубениот: Она што е кринот меѓу трњето, тоа е мојата љубена меѓу момите.

Возљубената: Она што е јаболкницата меѓу шумските дрвја, тоа е мојот возљубен меѓу момците. Посакав сенка нејзина, и седнав; плодовите нејзини се слатки за грлото мое.

Тој ме воведе во куќата за гозба, а знамето негово над мене беше љубов.

Поткрепете ме со сочни гроздови, освежете ме со јаболка, зашто сум болна од љубов.

Левата рака негова ми е под главата, а со десната ме прегрнува.

Возљубениот: Ве заколнувам ќерки ерусалимски, во срните и во полските кошути: немојте да ја будите и не вознемирувајте ја возљубената, додека сама не посака да стане.

Возљубената: Гласот на мојот возљубен, еве го доаѓа, скока по горите преку фиданките, прескокнува преку ридовите.

Мојот возљубен прилега на срна, на млад елен. Ете, стои зад нашиот ѕид, погледнува низ прозорецот, ѕирка низ решетката.

Мојот возљубен се огласи и ми рече: „Стани, мила моја, дојди убавице моја!

Еве, зимата веќе мина, дождот го снема, престана веќе,

цвеќиња се појавија по земјата; настана време за кроење лози и гласот на гугутка се слуша во земјата наша;

смоквите ги отворија пупките свои и расцутените лози пријатно мирисаат. Стани, мила моја, дојди убавице моја!

Гулабице моја во карпест предел, под камено засолниште, покажи ми го лицето свое, дај ми да го чујам гласот твој, зашто гласот ти е ѕвонлив, а лицето ти е прекрасно.“

Фатете ни ги лисиците и нејзините малечки, оти тие ги пустошат лозјата, а лозјата ни цутат.

Мојот возљубен е мој, а јас пак, сум – негова; тој го пасе своето стадо меѓу кринови.

Додека денот не измине и сенките ги снема, врати се мил мој и биди како срна, како млад елен, по горите што нѐ разделуваат.

 

Песна над песните (2, 1 – 17)