Веќе век и половина како светските училишта одгледуваат „бубачки“ кои ги населуваат во главите на учениците. Една од најнахранетите „бубачки“ е онаа што поткопува некаде во делот на левото уво и со своите пипци го раздразнува невронскиот синџир, со чија помош учениот човек упорно тврди: „Науката и христијанската догматика се неспоиви! Науката се раѓала надминувајќи го жестокото спротивставување на мрачните црковници! И само според мерката на ослободувањето на луѓето од оковите на средновековната схоластика се родила научната мисла!“.
Толку сме навикнале на тој словесен поток (зашто својот жубор тој го започнал уште во училиштата пред револуцијата и со самото тоа го подготвувал „големиот пресврт“) што не никнува никаква желба за со помош на „алгебрата“ (т.е. логиката и историјата) да се поверува на неговата привидна „хармонија“.
Секако во тој вообичаен отпечаток има малку вистина, која при сериозен однос кон неа, е способна да го ослободи сознанието од магиите на атеистичката пропаганда. Таа мала „вистина“ се состои во тоа дека науката, и навистина, се раѓа според мерката на исходот на човештвото од средновековниот период.
Но, сега се појавуваат прашања.
Првото е, значи, ако науката се раѓа во некоја епоха, тогаш таа не секогаш го придружувала човештвото? Човекот, пак, секогаш се интересирал за светот што го опкружува. Секогаш се трудел да го спознае. Но, научниот начин на спознавање на светот не се појавил со раѓањето на човекот, туку со раѓањето на науката. Значи, науката не е едноставно стремеж да се дознае нешто за светот, туку тој да биде спознаен со помош на определени методи. Значи, постојат неколку методи на спознавање на светот од страна на човекот, а науката е само еден од нив. Тој метод е извонредно ефективен. Но, дали е универзален? Дали е тој соодветен за разрешување на сите проблеми што возникнуваат кај човекот при спознавањето на неговото место во светот?
Второто прашање е, ако науката се родила во некоја етапа од историскиот развој на човекот, може ли таа да биде во конфликт со светот што нејзе ја породил? Секако, во определен момент, детето прави напори за да излезе од прегратката на мајката, а мајката пак се труди да го поттурне детето од себе. Но, дали тоа значи дека односите на детето и неговата мајка треба да се дефинираат само во термините на конфликтологијата? Ако науката се родила на излезот од светот на средновековието, значи, во тој свет таа била зачната и износена…
Третото прашање е, дали науката се раѓа во минутата на исходот на целото човештво од средновековието или само на некој негов дел? Ако е само на некој дел, можеби средновековната историја токму со тој дел била во нешто различна и специфична? Имено, ако науката се раѓа на исходот на западниот свет од неговото средновековие, не значи ли тоа дека во западното средновековие (за разлика од индиското или арапското) имало нешто што го овозможило раѓањето на науката?
Четвртото прашање е, имено, ако науката противречи на христијанството, зошто тогаш другите култури не довеле до раѓање на науката? Зошто само христијанството, со неговата божем најдлабока антинаучност, ја создало културата во која ѝ се случила научната револуција од XVI-XVII век.
Петтото прашање е, ако научната револуција се случува на исходот на европската култура од средновековието, тогаш на исход кон што таа се случила? Зашто недоволно би било да се каже дека нешто се случило при излегувањето од молитвената соба. Интересно е да се дознае каква соба започнувала зад прагот на молитвената. Имало ли таму салон за танцување или библиотека, бања или лабораторија? Каде одел оној кој излегувал?
Сите тие прашања се сведуваат на едно: зошто Коперник, Галилеј, Њутн и Декарт биле христијани? Зошто не се будисти? Не се муслимани? Зошто не се следбеници на Конфучиј?
ѓакон Андреј Кураев