Писмо за збогум на старец Порфириј

Додека се наоѓаше во свештениот скит во Кавсокаливија на Света Гора, старец Порфириј побарал да му се ископа гроб, а на едно свое духовно чедо му издиктирал проштално писмо, со совети и со збогување со своите духовни чеда.

Ова писмо, кое Ви го претставуваме целосно, онака како ни е испратено од женскиот манастир Св. Преображение, го има датумот 17 јуни 1991 година. Пронајдено е на денот на неговото претставување пред Бог, заедно со монашката облека наменета за неговиот погреб. Ова писмо претставува уште еден доказ за неговото крајно смирение.

++++++++++++++++++

Мои љубени духовни деца,

Сакам, додека сè уште сум при здрав разум, да ви дадам неколку совети.

Од најраното детство постојано бев во грев. Мајка ми ме испраќаше да ја чувам стоката во планината, бидејќи татко ми, затоа што бевме многу сиромашни беше отишол во Америка, каде што поради нас децата работеше на Панамскиот канал. Чувајќи ја стоката, се среќавав со житието на светиот Јован Калавит; силно го засакав свети Јован и изговарав многубројни детски молитви – тогаш имав меѓу 12 или петнаесет години, не се сеќавам најдобро. Значи, посакувајќи да го следам неговиот пример, скришно со голема тешкотија ги напуштив родителите и дојдов во Кавсокаливија на Света Гора, каде што станав послушник на двајца старци, браќа по мајка, Пантелејмон и Јоаникиј.

Се покажа дека тие се многу побожни и преполни со доблести, јас многу ги засакав, па по нивни благослов, се оддадов на целосно послушание кон нив. Тоа многу ми помогна: чувствував голема љубов кон Бог и ми беше премногу добро. Но, поради своите гревови, јас по допуштение на Бог, тешко се разболев, така што моите старци ми заповедаа да одам кај родителите, во своето село наречено Свети Јован на Евија. Бидејќи од раното детство правев многу гревови, кога се вратив во светот, продолжив со гревовите, кои до денес многу се намножија. Меѓутоа, светот за мене имаше добро мислење, така што сите ме сметаа за свет човек.

Меѓутоа, јас чувствувам дека сум најгрешниот човек на светото. Сè на што се сеќавам, јас секако го исповедав, и знам дека Бог се ми прости. Сепак чувствувам дека имам премногу духовни согрешенија, и ве молам сите вас кои ме познававте, да се молите за мене, бидејќи за својот живот и јас скрушено се молев за вас. Сега кога заминувам на небото, се ми се чини дека Бог ќе ме запраша: Што ќе бараш ти овде? Имам само едно да му одговорам: Не сум достоен, Господе, да бидам овде; нека Твојата љубов стори со мене што и да биде потребно. Што ќе биде понатаму – не знам. Сепак сакам тогаш Божјата љубов да проработи.

Секогаш се молам, моите духовни чеда да го засакаат Бог, Кој е сè и сè, за Бог да нè удостои да влеземе во Неговата земно несоздадена Црква. Бидејќи, треба да почнеме од овде. Секогаш се трудев да се молам, да читам црковни химни, Светото писмо, житијата на нашите светители, и сакам и вие да го правите истото со благодатта Божја, јас се трудев да се доближам до Бог; се молам и вие да го правите истото.

Ве преколнувам сите вие да ми простите за сè со што сум ве натажил.

Јеромонах Порфириј

Во Кавсокаливија, 4/17 јуни 1991

Извор: https://svetosavlje.org/starac-porfirije-podviznik-ljubavi-prozorljivi-cudotvorac/5/