Јас сум човек, кој видов мака од жезалот на Неговиот гнев;
Он ме поведе и воведе во темнина, а не во светлина.
Он се обрна само против мене и цел ден ме биеше со раката Своја;
го сплеска телото мое и кожата моја, ги здроби коските мои;
ме загради и ме опколи со горчила и маки;
ме постави во темно место, кај одамна умрените;
ме огради со ѕид за да не излегувам, ми постави тешки вериги;
и, кога викав и пискав, ја задржуваше молитвата моја;
со камења ги прегради патиштата мои, ги искриви патеките мои.
Он стана за мене како мечка во заседа, како лав на скришно место;
ги искриви патиштата мои и ме раскина, ме уништи;
го затегна лакот Свој и ме постави како цел за отстрел;
ги прободе бубрезите мои со стрели од торбата Своја.
Станав потсмев за сиот народ мој, негова секојдневна песна.
Ме презасити со горчила, со пелин ме напои;
со камен ги скрши забите мои, со пепел ме покри.
Избега мирот од душата моја; заборавив за добрите работи
и реков: ја снема силата моја и надежта моја од Господа.
Помисли на моето страдање и на мојата мака, за пелинот и за жолчката.
Душата моја силно се сеќава на тоа и отпаѓа во мене.
Еве што му одговорив на срцето мое и поради тоа имам надеж:
по милоста на Господа не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато;
тоа се обновува секое утро; верноста Негова е голема!
Господ е дел од мене, ми вели душата, па така на Него ќе се надевам.
Добар е Господ кон оние, кои се надеваат на Него, кон душата која Го бара.
Добро му е на оној, кој треперливо го очекува спасението од Господа.
Добро е за човекот да го носи својот јарем во младоста своја.
Сам ќе седи и ќе молчи, бидејќи Господ го ставил бремето врз него.
Нека ја допре устата своја до земјата, можеби уште има надеж.
Го подава образот свој на оној кој бие, за да трпи навреди до презастување,
бидејќи Господ не отфрла никого за навек.
Книга Плач Јеремиин (глава 3, 1-31)