Ве преколнувам, молете се, според советот на Апостол Павле: Молете се непрестајно (1. Сол. 5, 17). Светите тихуватели велат: „Ако си богослов, тогаш вистински ќе се молиш и ако вистински се молиш, тогаш си богослов!“ И навистина, пустинските тихуватели учат дека со посредство на различните подвизи, со аскезата и созерцанието, со моралната и духовна философија на трезвеноумието и молитвата, човековиот ум се очистува, просветлува и усовршува и според тоа, се здобива со дар на богословие, но не со академско богословие какво што поседуваат богословите на универзитетите, туку со богословие што происходи и извира од божествениот извор, од каде што постојано се излеваат реките на вистинското, божественото богословие.

Отците тихуватели велат дека умот кој престанал да Го созерцува Бога, станува или животински или ѕверски. Преку молитвата, а особено со умствената молитва, умот станува боголик и просветлен преку божественото озарување.

Човековото спасение зависи од молитвата, бидејќи тоа е она што нѐ приближува и соединува со Бога. Кога човекот се наоѓа во близина Божја, наполно природно е да не скршнува од моралниот пат, зашто вложува внимание во секој свој чекор. И покрај сето наше внимание, ѓаволот не престанува да нè сопнува, зашто сака да нè изненади во миг на слабост и да нè одвлечка на својот пат, кој секогаш вртоглаво води надолу. Од таа причина, драги мои чеда, од нас нужно се бара постојано да се вооружуваме со непрестајната молитва на нашиот најсладок Исус.

Не смееме да заборавиме дека демоните ја напаѓаат молитвата и дека со помош на зли мечтаења се устремуваат на неа за да ја направат неделотворна. За време на молитва, низ човековиот ум кружат најразновидни мисли, тежнеејќи да го украдат плодот од молитвата и на човекот што се моли да му ги остават само коските, односно трудот и напорот.

Од таа причина, оној што сака добро да се моли, пред почетокот на молитвата треба да ги оддалечи сите грижи, а потоа и сите помисли. Умот, како надзорник, треба многу да внимава на секој збор што го изговараат усните – за молитвата да стане плодоносен извор на божествената помош и благодат.

Според Светите отци, сатаната секогаш ќе се поставува како трн и камен за сопнување за светата молитва. Тоа е така затоа што молитвата многу го обеспокојува и изгорува. Значи, чеда мои, присилете се на молитва, а спомнете ме и мене, вашиот кутар старец, за Бог да ми се смилува.

Старец Ефрем Филотејски