Што е простување? Простувањето не може да се разбере ако не се сфати природата на гревот и неговите последици. Во Евангелието по Матеј (22, 37-40) се запишани зборовите Христови: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој разум: ова е првата и најголема заповед; а втората е слична на неа: возљуби го својот ближен како себеси; врз овие две заповеди се крепи целиот закон и пророците“. Гревот е кршење на Божјиот закон за љубов кон Него и кон нашиот ближен, и покрај Неговата безгранична љубов кон нас.

Гревот нè тера да бидеме надвор од заедницата, и тоа го нарекуваме одвојување од Бога и од ближниот. Св. Јован Златоуст вели: „Си направил некој грев? Влези во Црквата и покај се за стореното. Зашто тука е лекарот, а не судијата. Овде човекот не се испитува, туку добива прошка на своите гревови“. Ако Црквата е „лекарот“, тогаш ова одвојување од Бога и од ближниот ќе мора да го излечи. Затоа гревот се смета за болест или попреченост, а преку исцелувањето, ние се враќаме во нашата поранешна состојба.

Знаеме дека ова исцеление се случува преку Светото Крштение, преку Светата Тајна Покајание, преку Светото Миропомазание и преку достојното примање на Светата Евхаристија: Телото, Крвта, Душата и Божественоста Христова. Св. Јован Златоуст во својата Божествена Литургија нè потсетува на сето она што Бог го направи за нас: го прими нашето тело, крстот, гробот и Воскресението. А крај на сето тоа е нашето помирување со Него: „Кога паднавме, не престанавме да правиме сè, додека Тој не нè врати на небото“. Мора да се потсетиме дека кога Христос ни ја дава Евхаристијата, вели: „Земете и јадете, ова е Моето Тело, кое е прекршено заради вас и за простување на гревовите …“ и „… Пијте сите од оваа чаша: ова е Мојата Крв на Новиот Завет, која е пролеана за вас и за многумина, за простување на гревовите“.

Простувањето значи помирување со Христа и со целото човештво. Св. Матеј ни посочува: „Јас, пак, ви велам, дека секој што ќе се разгневи на својот брат без причина, ќе биде виновен пред судот, а кој на својот брат му рече „празноглав“, ќе биде виновен пред Синедрионот; и кој ќе му каже: „будала“, ќе биде виновен за во пеколот. И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот. Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат кон судот, за да не те предаде на судијата, а судијата – на слугата и да бидеш фрлен во затвор; вистина, ти велам: нема да излезеш оттаму сè дури не го дадеш и последниот кодрант“ (Матеј 5, 22-26). Сето ова изискува активни усилби во нашето однесување, за да стигнеме до помирувањето.

Отец Џорџ Морели