Крстот ја просветил вселената – тој ја уништил идолската заблуда, го распрснал многубожечкиот мрак, ја воскреснал евангелската светлина. Од Исток и Запад, од Север и Југ, тој ги собрал народите во една Црква, ги обединил во една вера, ги поврзал со едно крштение, ги збратимил во една љубов. О, кој ќе ја восфали и кој јазик ќе ја изрече, како што прилега, таа природна крепост на православните и тоа победоносно оружје на великиот цар Христа!

Крстот е воскресение за мртвите, надеж за христијаните, патерица за раслабените, утеха за бедните. Крстот е посрама за горделивите, узда за богатите, раководител за младите, победа над демоните. Крстот е надеж за очајните, кормило на оние што пловат, пристаниште за отфрлените, карпа против непријателот. Крстот е венец за старците, татко за сираците, чувар на младенците, советник за праведниците. Крстот е слава за мажите, величие за царевите, светлина за оние кои се во темнина, љубомудрие за варварите. Крстот е соблазна за Јудеите, безумие за незнабожците, мудрост за неопитните, слобода за робовите. Крстот е проповед на пророците, сопатник на апостолите, чест за мачениците, радост за ереите. Крстот е основа на Црквата, темел на светот, сила за немоќните, лекар за неспособните. Крстот е леб за гладните, извор за жедните, покривка за голите, очистување за прокажаните.

Крстот е забоден во средината на вселената. Тој е посаден на лобното место и чудотворно ја расне лозата на животот. Со тоа свето оружје, Христос ја соборил силата на адот и ги ослободил душите на пленетите од лукавиот. Со него, откако се вооружиле блажените апостоли, ја победиле силата на непријателот, ги уловиле во својата мрежа многуте народи и ги научиле на поклонение. Христовите воини, откако се облекле со него како во оклоп, проповедале смело и ја уништиле злобата на мачителите. Оние кои се откажале од светот, откако го зеле својот крст, со голема радост се населиле во пустини и планини, во пештери и земни бездни.

Неизмерлива и неспоредлива е благоста на Божјите добрини – колку богатство Он му дарувал на човечкиот род преку Крстот?! Слава му на Неговото човекољубие, слава на Неговата милост и сила, на која се поклонуваме во сите векови. Амин!

Свети Ефрем Сириски