Почетокот на сите страсти се крие во пристрасноста, слабоста и небрежноста, но и во тоа што не го запираме првиот предлог кој што ќе наиде, па демоните уште повеќе почнуваат да нè напаѓаат. Во себе барај ја причината за секоја страст, и кога ќе ја најдеш, вооружи се и ископај го нејзиниот корен со мечот на страдањето. Ако не ја искорениш, тогаш таа повторно ќе пушти корења и ќе порасне. Без ова средство не можеш да ги победиш страстите, да добиеш чистота и да се спасиш.
Ако сакаш да се спасиш, треба да го отсечеш првиот предлог на помислата и посакувањето на секоја страст. Победувај во малото, за да не паднеш во големото, па сите наредни страсти ќе ги победиш на истиот начин.
Бог допушта да те бранува демонскиот бран или некоја друга упорна страст, поради твојата гордост и високоумието, или кога некој се смета себеси за светител или за силен, па на себе се надева и над слабите се превознесува. На таквиот Бог му допушта да ја осознае својата немоќ, да ја спознае Неговата помош, да се вразуми и да ги смири своите помисли, зашто без Божја помош никој ништо не може да направи. Сето ова Бог го допушта како казна за гревовите, заради покајание, за стекнување искуство во подвигот, и за да се добие венецот на победата.
Откако претходно си бил победен од некоја страст, па почнуваш да страдаш, токму против неа, пред сè останато, вооружи се, и кон тоа насочи ја сета усрдност. Секоја страст и страдање, несомнено се победуваат со вера, со срдечен труд и солзи, со силна усрдност и со силна насоченост, такво е великото и пофално светоотечко војување.
Четири се причините од каде произлегува и се утврдува секој демонски напад против нас: од неработење и мрзливост, од самољубие, од сластољубие и од демонската завист.
Преподобен Паисиј Величковски