„Почеток на гревот е гордоста“ – првата причина за движење кон злото, а можеби, и корен и основа на самото зло! Зборот „почеток“ значи: или прва причина кон злото, или пак – негова основа. На пример: воздржувањето од забави може да се нарече почеток на целомудрието, т. е. првоначална причина, но ако речеме за постот дека е почеток на целомудрието, тогаш тука зборот „почеток“ ќе означува основа или поддршка. Во таа смисла и гордоста е почеток на гревот – со неа се започнува секој грев и во неа тој ја наоѓа својата поддршка. Спомни си какви дела вршел фарисејот – кому и покрај ова, тие полза не му донеле, зашто тој не го отсекол коренот кој сè разрушува: гордоста!

Од гордоста се раѓаат: властољубието и славољубието, страста кон парите и презирот кон бедните. Горделивиот човек секогаш е расположен да се одмаздува за навредата, зашто тој не може рамнодушно неа да ја претрпи, ниту од видни, ниту од прости луѓе, а кој не може спокојно да преживее навреда, тој не е во состојба да ја преживее и несреќата. Гледаш ли на каков начин гордоста станала почеток на гревот!

Почеток на гордоста е незнаењето за Бога. Како? Многу едноставно! Кој Го познава Бога, така како што треба да Го познава, и кој знае до кој степен Синот Божји се понизил Себеси, тој никогаш не може да се превознесува, зашто гордоста ја раѓа надменоста. Кажи ми: зошто непријателите на Црквата велат дека Го познаваат Бога – не од гордост ли? Бог се противи на горделивите, а на смирените им дарува благодат, зашто сака дух смирен и покаен.

Нема зло рамно на гордоста. Таа го претвора човекот во демон; го прави зол богохулник и лош клетвопрестапник: таа во него предизвикува жед за убиство. Горделивиот човек постојано се уништува од тага. Ништо не може да ја успокои неговата страст, па дури и да види дека некој цар понизно се поклонува пред него, тој уште повеќе ќе ја распламти својата страст. Подобно на среброљупците, кои колку повеќе печалат, толку повеќе жеднеат за пари, така и горделивите, колку повеќе се ползуваат со чест, толку повеќе ја посакуваат. Страста не знае за крај – таа се прекратува само тогаш, кога ќе го убие оној кој го пленила.

Како можеме да ја искорениме гордоста? За ова е потребно да Го познаеме Бога, зашто гордоста е плод од непознавањето на Бога – штом Го познаеме Бога, гордоста ќе се отстрани од нас. Размисли за геената: помисли за оние, кои се подобри од тебе; спомнувај си секогаш пред Бога, па откако за тоа ќе размислиш, ќе го скротиш својот дух и ќе го смириш својот разум. Да го скротиме високото мислење за себе – да бидеме смирени, скромни и кротки! Да си приспомнеме, дека Спасителот им ги измил нозете на Своите ученици за да ни остави пример за смиреност – да го ползуваме тој пример, зашто смирението е пат кон богатствата на вечноста.

Свети Јован Златоуст