Благочестиво е за богољубивата душа постојано да се сеќава на Бога. Таа од таквото сеќавање не може да се насити. Навистина е смело со зборови да се опише она што се однесува на Бога, со оглед на тоа дека далеку заостанува разумот зад достоинството на темата, а зборот, пак, нејасно ги изразува мислените нешта. Кога веќе нашиот разум заостанува зад големината на темата, и кога зборовите се пониски и од самиот разум, не ли е покорисно молчењето, за да не би се помислило дека на исчуденоста на богословот му се заканува опасноста од нискоста на зборовите? Во сите словесни битија природно е посеана желбата да се прославува Бога, иако сите подеднакво се немоќни достојно да говорат за Него.
Иако ние се разликуваме едни од други во ревнувањето за благочестието, сепак никој не е толку помрачен во самоизмамата да би сметал дека го достигнал самиот врв во знаењето. Напротив, очигледно е дека во колку човекот напредува во познанието, дотолку повеќе ја чувствува својата немоќ. Таков бил Авраам, таков бил и Мојсеј. Наоѓајќи се во можност да го видат Бога, тие се понизиле во најголема мера: Авраам се нарекол прав и пепел (Бит. 18, 27), а Мојсеј говорел дека е нем и со слаб глас (Изл. 4, 10), бидејќи ја видел немоќта на својот јазик и неспособноста да служи на величието на Поиманиот.
Меѓутоа, затоа што сега секој слух е отворен за да го слушне богословието, и бидејќи Црквата не може да се насити, како што тоа го потврдува Проповедникот, кој вели дека увото не може да се наслуша (Проп. 1, 8), неопходно е и ние да говориме сразмерно со своите сили. Меѓутоа, ние нема да речеме онолку колку би можело да се каже за Бога, туку онолку колку што тоа нам ни е овозможено. Иако со погледот не можеме да го опфатиме сето пространство меѓу небото и земјата, ние не престануваме да го гледаме она што можеме. И ние сега, со скромни зборови ќе ја исполниме должноста спрема побожноста, додека на величината на природата ќе ѝ ја препуштиме победата над секој збор.
Ни ангелските и архангелските јазици, дури и кога би се соединиле со целата словесна природа, не можат да изразат ни најмал дел од величината за која говориме, а не пак да се споредуваат со останатата целина. И ти, доколку сакаш да говориш или да слушаш нешто за Бога, одвој се од своето тело, одвој се од телесните сетила, напушти ја земјата, напушти го морето, направи воздухот да биде под тебе, занемари ги годишните доба, поредокот на времето и украсите на земјата, подигни се над етерот, помини покрај ѕвездите, покрај нивните чудеса, покрај нивната убавина, големина и корисност која ѝ ја прават на вселената, покрај нивното благоустројство, светлина, положба, движење, покрај нивните заемни врски и растојание.
Поминувајќи го ова, извиши се над небото. Подигнувајќи се над него, ти со самиот разум набљудувај ги тамошните убавини: наднебесните војски, хоровите на ангелите, старешинството на архангелите, славата на господствата, првенството на престолите, силите, началствата и властите (Кол. 1, 16; Еф. 1, 2).
Поминувајќи сè, подигни се со своите помисли над целата твар, вознеси го својот ум надвор од нејзините граници, и замисли една постојана, неподвижна, непроменлива, бестрасна, проста, несложена, неразделива божествена природа и непристапна светлина (1. Тим. б, 16), неизречива сила, безгранична величина, блескава слава, посакувана благост, неспоредлива убавина, која силно ја прободува ранетата душа, ама не може достојно да се изрази со зборови.
Свети Василиј Велики