И така, ѓаволот стана наш противник како резултат на падот во кој нè воведе неговата злоба. Според Божјата промисла ние се бориме со него, за да го победиме со послушание и да торжествуваме над непријателот. Други ќе беа нештата ако тој не станеше ѓавол и го задржеше својот чин во кој отпочеток беше поставен од Чиноначалникот! Но, бидејќи стана отпадник, противник на Бога и непријател на луѓето создадени по образ Божји (тој е човекомразец од истата причина како што е и богоборец: тој ни наштетува како на Господово создание, тој нè мрази како Божјо подобие), затоа мудриот Домостроител на човечките дела го искористил неговото лукавство за обука на нашите души, како што и лекарот употребува отров од Ехидна во составот на спасителното лекарство.
Кој е ѓаволот? Каков е неговиот чин? Какво достоинство има? И зошто тој всушност се нарекува сатана?
Затоа што тој е противник на доброто. Такво е значењето на хебрејскиот збор, како што знаеме од книгата Царства. „И Господ му воздигна на Соломон противник, Идумеецет Адад, од идумејски царски род“ (3. Цар. 11, 14). Тој е ѓавол затоа што е поттикнувач, но и обвинител на нашите гревови, тој се радува на нашето уништување и се потсмева на нашите дела. А неговата природа е бестелесна, според зборовите на Апостолот: „Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината“ (Ефес. 6, 12). Местото на неговата власт е во воздухот, како што вели истиот Апостол: „Кнезот на воздушните сили, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието“ (Ефес. 2, 2). Затоа тој е наречен кнез на овој свет, бидејќи началството му е во надземните области. Така и Господ вели: „Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор“ (Јован 12, 31). И повторно: „Доаѓа кнезот на овој свет и во Мене тој нема ништо“ (Јован 14, 30). Кога се зборува за воинството на ѓаволот, дека тоа се „поднебесните духови на злобата“ (Ефес. 6, 12), треба да се знае дека Светото Писмо обично го нарекува небото воздух, на пример „птиците небесни“ (Мат. 6, 26) и „се издигаа до небесата“ (Псал. 106, 26), т.е. се издигнуваат високо во воздухот. Затоа и Господ видел „како сатаната паѓа од небото како молња“ (Лука 10, 18), т.е. соборен од својата власт, струполен долу, за да може да го поразат оние што се надеваат во Господа. Зашто, Тој им даде на Своите ученици „власт да настапуваат врз змии и скорпии и врз секоја непријателска сила“ (Лука 10, 19).
Доколку се победува неговото лукаво угнетување и земјата е прочистена преку спасителните страдања на Миротворецот на „сè што е на небесата и што е на земјата“ (Кол. 1, 16), веќе на нас се проповеда Царството Божјо. Така, Јован говори: „Се приближува Царството Небесно“ (Мат. 3, 2), а Господ насекаде го проповеда „Евангелието на Царството“ (Мат. 4, 23), а ангелите возгласуваат: „Слава на Бога во височините и на земјата мир“ (Лука 2, 14), а оние што се радуваат на влегувањето на нашиот Господ во Ерусалим, воскликнуваат: „Мир на небото и слава во височините!“ (Лука 19, 38).
Сè на сè, илјадници се победничките гласови што сведочат за конечното соборување на непријателот; затоа, за да нема веќе борба и подвиг во височините, никој да не се спротивставува или да не се одвраќа од блажениот живот, но спокојно да се движиме нанапред за да се насладуваме вечно од дрвото на животот, да се придружиме на она што од почетокот го спречуваше лукавството на змијата, зашто „Бог постави херувим и огнен меч… за да го пазат патот кон дрвото на животот“ (1. Мој. 3, 24). Кога ќе го завршиме ова патување без никакви пречки, да влеземе во благодатта на Исуса Христа, нашиот Господ, Кому е слава и власт во вечни векови. Амин!
Св. Василиј Велики