Нас не треба да нè загрижува тоа што многу луѓе се согласуваат со ѓаволот, а малкумина Го следат Господа. Нели и пченичните зрна се малку во споредба со каколот. Но, како што земјоделецот знае што треба да прави со огромниот куп какол, така и за Бога мноштвото грешници се ништо. знае што да прави со нив, за Неговото Царство да не доживее ниту потрес, ниту посрамување.

Не треба да се мисли дека ѓаволот ќе остане победник, бидејќи привлекол многу луѓе – тој ќе биде поразен од малкумината по број. Човекот ќе разбере дека Бог, Кого тој не Го сакал за Чувар, ќе стане Судија, и тој ќе спознае суров Господар во Оној, Кого не е сакал да Го засака како нежен Татко. И така, откако поверуваш во тоа, чувај се од искушенијата (ѓаволот бара кого да погуби заедно со себе).

Тој непријател да не те разврати ниту преку оние кои се надвор од Црквата – незнабошци, Јудејци или еретици, ниту преку членовите на Православната Црква, кои живеат лошо: стомакоугодници и озборувачи; бесрамници, љубители на претстави, гатачи кои користат ѓаволски гатања; горделивци што живеат во раскош – воопшто, ќе видиш луѓе кои водат живот што се осудува и казнува од Законот, немој да ги подражаваш.

Општи со добрите луѓе кои лесно ќе ги најдеш, ако самиот станеш таков; заедно љубете Го и почитувјте Го Бога непристрасно, бидејќи целата наша награда е во Самиот Него и во идниот живот, добар и прекрасен, на кој ќе се насладуваме. Него не треба да го сакаш како што го сакаш она што го гледаш со своите очи, туку така како што ја сакаат мудроста, вистината, светоста, справедливоста и сличните доблести кои потекнуваат од Извор, Кој не познава граници и промени.

Општи со луѓе кои ги сакаат тие доблести, па преку Христос, Кој стана Човек за да биде посредник меѓу Бога и луѓето, да се помириш со Господа. Немој да мислиш дека штом порочни луѓе влегуваат во храмовите, ќе влезат и во Царството небесно; кога ќе дојде времето, тие ќе бидат одвоени, ако не станат подобри.

Подражавајте ги добрите луѓе, трпете ги лошите, сакајте ги сите; ти не знаеш каков ќе стане утре оној кој денес е лош. Не сакај ја нивната неправда, туку сакај ги нив самите, за тие да ја возљубат правдата. Нели нам ни е заповедано да ги сакаме не само Бога, туку и ближните – на овие две заповеди се темели целиот Закон и пророците. Него може да го исполни само оној кој ќе Го прими во дар Светиот Дух, еднаков на Отецот и Синот, бидејќи Бог е Троичен и на Бога треба да ја полагаме целата своја надеж.

На човек, каков и да е тој, не бива да се надеваме. Едно е Оној, преку Кого сме оправдани, а сосема друго – оние, со кои заедно се оправдани. Ѓаволот не искушува само преку желбите, туку и преку стравот од понижување, болки и смрт. Што и да поднесе човек за Христовото име во очекување на Вечниот Живот, ако тој се одржи во искушенијата, ќе добие голема награда, ако пак отстапи пред ѓаволот, ќе биде осуден заедно со него.

Но, преку делата на милосрдието, благочестивите и смирени луѓе ќе добијат милост од Бога – Тој нема да дозволи да бидат искушувани Неговите слугите повеќе од нивните сили.

Блажени Августин.