Струмичките поети Сузана Мицева и Митко Гогов се застапени во првиот том од колекцијата „Вавилонска библиотека“- онлајн платформа за промовирање светска поезија, а пред сè на поети од Балканот.

Колекцијата е составена од два дела: Поетски портрети и Омажи, а ќе биде објавена на сајтот на Независна Академија.

Меѓу 80-те поетски портрети од Македонија ги има: Сашо Огненовски, Драгана Евтимова, Марина Икономова Шокева, Диме Данов и Даниела Андоновска-Трајковска, додека пак во омажите е претставена Снежана Стојчевска.

Главен уредник на ова прво издание е поетесата Катарина Сариќ од Црна Гора. Таа вели дека по оваа исклучително шаренолика и квалитетна листа на поети кои се активни и ја чинат балканската поетска сцена, следуваат и нови изданија во иднина.

Од „Вавилонска библиотека“ велат дека ќе продолжат со својата примарна мисија, а тоа е да ја направат поезијата што подостапна за заинтересираните читатели.