Господи, Седржителу, Боже Израилев, кон Тебе вика душа тескобна и дух вознемирен;

Чуј ме, Господи, и смилувај се, зашто Ти си Бог милосрден; смилувај се, зашто згрешивме пред Тебе;

Ти вечно живееш, а ние вечно загинуваме.

Господи, Седржителу, Боже Израилев, послушај ја молитвата на умрените од Израилот и на нивните синови кои згрешија пред Тебе, кои не го послушаа гласот на Господа својот Бог, па затоа нè снајдоа неволји.

Не спомнувај си за безаконијата на нашите татковци, туку спомни си во тоа време за Својата рака и за Своето име,

зашто Ти си Господ нашиот Бог и ние ќе Те прославуваме, Господи!

Затоа си го вселил стравот Твој во нашето срце, за да го повикуваме Твоето име, а ние ќе Те прославуваме во нашето прогонство, бидејќи од нашето срце ја отфрливме секоја неправда на нашите татковци кои згрешија пред Тебе.

Еве, ние сме сè уште во ова заточеништво каде што си нè распрснал за хула, за проклетство и за казна поради сите неправди на нашите татковци, кои отстапија од Господа, нашиот Бог.

Чуј ги, Израиле, заповедите на животот, послушајте, за да ја научите мудроста.

Израиле, што значи тоа што си во земјата на непријателите? Ти остаре во туѓа земја и се оскверни заедно со мртвите,

приброен си кон оние што се во пеколот,

си го остави изворот на премудроста.

Ако одеше по Божјиот пат, ќе живееше мирно довека.

Научи каде се наоѓа мудроста, каде е силата, каде е знаењето, а заедно со тоа ќе разбереш во што се состои долговечноста и животот и каде се наоѓа светлината на очите и мирот.

Кој го открил живеалиштето на мудроста и кој влегол во нејзините сокровишта?

Каде се кнезовите на народите и оние што владееја над земните ѕверови и оние што си играа со птиците небески

и оние што собираа сребро и злато, каде е она на што се надеваа иако нивните имоти немаат крај?

Каде се оние, кои со голем труд сребро излеваа и чии сребрени ракотворби немаат број?

Тие исчезнаа, во пеколот слегнаа; на нивно место други се издигнаа.

Помладите видоа светлина и се населија на земјата, но патот на мудроста не го познаа;

не ги разбраа нејзините патеки и нивните синови не ја најдоа; далеку останаа од нејзиниот пат.

Не се слушаше за неа во Ханан, ниту ја видоа во Теман.

Синовите на Агара бараа земно знаење. Него го бараа и трговците од Мера и Теман, како и раскажувачите на басни и истражувачите на знаењето, но патот на премудроста не го познаа и патеките нејзини не ги забележаа.

О, Израиле, колку е голем Божјиот дом, колку е пространо местото на Неговото владеење.

Тој е голем и крај нема, горе е високо и е неизмерлив;

Таму во почетокот имаше прочуени исполини, многу големи и вешти во војување,

Но не нив Господ ги избра, и не им го откри патот на премудроста;

тие изгинаа затоа што немаа мудрост, изгинаа од своето безумие.

Кој се качил на небото, па да ја дофати на облаците и да ја симне оттаму?

Кој го премина морето и ја пронајде, и кој ќе ја донесе неа – подобра од чистото злато?

Патот до неа никој не го знае и никој не помислува на нејзините патеки.

Но Оној, Кој знае сè, Он ја откри со разумот Свој, Оној Кој ја создаде земјата за вечни времиња и ја исполни со животни,

Оној, Кој ја испрати светлината – и таа чекори, ја повикува – и таа со трепет Го слуша,

и ѕвездите на своите места зесветеа и се зарадуваа.

Он ги повикува, а тие Му одговараат: „Еве нè!“ Тие радосно блеснаа пред својот Создател.

Он е нашиот Бог; никој со Него не може да се спореди.

Он ги најде сите патишта на премудроста и му ја подари на Својот слуга Јакова, на Својот омилен Израил.

Потоа Он се јави на земјата и живееше меѓу луѓето.

Книга на пророк Варух (глава 3, 1-38)