Христољубци,

Еве, засвети за нас Светлозарниот помен на нашиот преблажен отец Кирил, новиот апостол и учител на сите земји.

Со своето благочестие и убавина, тој изгреа на земјата како сонце, просветлувајќи го целиот свет преку лачите на триипостасниот Бог. Божјата премудрост си изгради храм во неговото срце, а преку неговиот јазик како на херувим, почиваше Светиот Дух, Кој секогаш раздава дарови според силата на верата, како што рече апостол Павле: „Секому од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов“ (Ефес. 4, 7). Зарем Господ не рече: „Кој ме љуби, и јас ќе го возљубам и Самиот ќе му се јавам“ (Јован 14, 21); „ќе се населам во него, и тој ќе ми биде син, а јас ќе му бидам татко“ (Јован 14, 23).

Барајќи ваква татковина, овој преблажен отец и наш учител, ја напушти сета убавина на овој живот, сета слава, домот и богатството, таткото и мајката, браќата и сестрите. Уште од младини тој беше чист како ангел, и секогаш отстапуваше и ги избегнуваше задоволствата во животот, поминувајќи го постојано своето време во пеење на псалми и славословија, и во духовно учење, следејќи го само патот по кој се вознесува на Небесата. И затоа, во неговата уста се излеа благодатта Божја, како што рече и премудриот Соломон: „На усните на премудриот почива знаењето“ (Изр. 16, 7), „а на својот јазик, тој носи закон и милост“ (Изр. 3, 16). Поради тоа, нашиот учител ги затвори злонамерните усти на еретиците.

Кога се појави ереста за време на иконоборецот Теофил (829-842), за многу години светите икони беа прогонувани, уништувани и непочитувани. А при благоверниот цар Михаил (842-867), православните, откако свикаа собор, го испратија Кирила против овие еретици и тој со својата духовна сила, како со оган, ја уништи целата нивна злоба. Штом некаде ќе чуеше за некака хула за божествениот образ, тој како со крилја прелетуваше по сите страни, и со јасни зборови ги распрснуваше сите заблуди и поучуваше за вистинската вера. Тој го завршуваше недовршеното од апостол Павле, прелетувајќи како орел во сите правци, од исток кон запад и од север кон југ.

Меѓу Хазарите и Сарацените тој се одзва на соборите заради светата вера, блесна како сонце со трисветли лачи и ги распрсна сите нивни празнословија.

Меѓу фулскиот народ, тој ја уништи безбожната измама и ја посеа троичната беспочетна светлина.

По милоста и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, тој стана пастир и учител на словенскиот народ, кој тонеше во незнаење и во гревовен мрак. И како што Данаил ги затвори устите на лавовите, тој ги замолкна устите на волците, на тријазичните еретици кои помрачени од зависта, велеа: „Не е достојно Бог да се слави на друг јазик освен на хебрејски, на латински и на грчки“. Поради нивната злоба, тие станаа соучесници на Пилат. Со јасни докази тој ги уништи нивните заблуди, распламтен од силата на Светиот Дух. Тој, според пророштвото, го разјасни јазикот на оние што на нос зборуваат (Иса. 32, 4) и со книги ги насочуваше сите по патот на спасението. Откако го преведе црковниот устав од грчки на словенски јазик, тој отиде во Рим, водејќи го до совршенство своето одбрано стадо. Со радост тој го заврши својот животен пат. Господ Бог благоволи неговото пречисто тело да почива во Рим.

Кога ќе ги пресметаме неговите подвизи, трудови и патувања, нема на кој друг да му се дадат такви пофалби. И навистина, иако засвети подоцна, тој ги надмина сите. И како што зората која се издига подоцна, со својот блесок го озарува целиот ѕвезден лик распрснувајќи ја светлина со своите сончеви зраци, така и овој преблажен отец и учител на нашиот народ, кој сјае повеќе од сонцето низ зраците на Света Троица, просветли безброен народ кој тонеше во мракот на незнаењето. Кое е тоа место што остана сокриено, а што тој не го осветли преку неговите постапки? Која убавина остана сокриена за неговата блажена душа? Тој им ги откри на сите народи скриените тајни со достапни словесни изрази, откако јасно ги растолкува: на едни – преку писмото, а на други – преку проповед, зашто Божјата благодат се беше излеала во неговата уста (Псал. 44, 3). И поради тоа, Бог го благослови засекогаш.

Но, која уста може да ја изрази сладоста на неговото учење? Кој јазик може да раскаже за подвизите, трудовите и добрината на неговиот живот? Господ ја направи таа уста посветла од светлината која ги просветлуваше помрачените од гревовната измама. Неговиот јазик изговори слатки и животворни зборови. Неговите пречисти усни расцветаа како цвет преку мудроста. Неговите пречесни прсти создадоа духовни органи и ги украсија со златнозарни букви. Оние што копнеат по божествениот ум се напоија преку оваа побожна уста. Преку неа, многумина се насладија откако примија животворна храна. Преку неа, Бог збогати многу народи со богопознание и најмногу од сѐ го круниса повеќеплеменскиот словенски народ со богоисплетен венец: зашто за него беше испратен овој нов апостол. И така, од оваа уста бликна извор на живи слова кои ја напоија пресушената наша сувост; и преку песна беше заврзан богохулниот јазик на еретиците.

И така, оваа пречесна уста се појави како некој серафим, величајќи го Него и преку неа го познавме триединиот Бог, еден по суштина, а по својства и имиња разделен и подеднакво прославуван – вечнопостоечкиот Отец и Син и Светиот Дух.

Затоа, о, преблажен оче Кириле, ги благословувам твоите усни, од кои се излеа духовната сладост за моите усни.

Го благословувам твојот многугласен јазик, преку кој зраците на троичниот беспочетен Бог, изгревајќи за мојот народ, ја растераа темнината на гревот.

Го благословувам твоето многу светло лице, озарено од Светиот Дух, преку кое светлината на богопознанието изгреа на моето лице, а многубожечката заблуда беше искоренета.

Ги благословувам твоите златнозрачни очи, преку кои слепилото на незнаењето беше отстрането од моите очи и светна светлината на богознаењето.

Ги благословувам твоите ангелско зрачни зеници, озарени од божествената слава, кои ме просветлија со боговдахновени слова, откако ми го отстранија срцевото слепило.

Ги благословувам твоите пречесни раце, преку кои се спушти врз мојот народ дождливиот облак на богопознанието од кој се напоија нашите срца, изгорени од гревовната суша, со роса од Бога што истекуваше.

Ги благословувам твоите прсти движени од Бога, преку кои за мојот народ беше испишана слободата од гревовниот јарем.

Ја благословувам твојата златнозрачна утроба, од која за мојот народ истече животворна вода, која слегуваше одозгора преку твоите молитви.

Ги благословувам твоите светлозрачни нозе, со кои како сонце го пропатува целиот свет, проповедајќи го боговдахновеното учење.

Ги благословувам твоите златнозрачни стапки, преку кои на вистинскиот пат ги насочи нашите заблудени чекори.

Ја благословувам твојата пресвета душа, преку која се излекуваа гревовните рани на мојата душа и се всади разумот во нашите срца, преку твоите духовни слова.

Ги благословувам твоите прсти движени од Бога, преку кои се напиша скриената за мнозина Божја премудрост и преку кои се открија тајните на знаењето за Бога.

Ја благословувам твојата света Црква, во која почива твоето многуразумно и богобојазливо тело.

Блажен е градот што го прими третиот извршител на Божјата промисла. И навистина, овој блажен се јави за да го заврши недовршеното од двајцата врховни светилници. И Затоа, Господ Бог нареди тој да прими пречесен покој покрај нив. Тој почина во мир во Господа во 6377 (869) година од создавањето на целиот свет, во четиринаесеттиот ден од месецот февруари. И откако ги заврши сите служби и трудови, тој заради неговиот живот и неговата вера, им се придружи на сите свети отци. Тој стана со ангелите како ангел, со апостолите – апостол, со пророците – пророк, соучесник во славата Божја заедно со сите светии.

Преподобен учителе, заедно со нив моли се за нас, кои ја славиме твојата преславна смрт во слава на Пресвета Троица – на Отецот и на Синот и на Светиот Дух – сега и секогаш, и во вечни векови. Амин!

Св. Климент Охридски