Ете, пред нас настапува светлозарното торжество, предвесникот на Христовото воскресение. Ете, ни засветли светлозарниот празник на Лазар, кој ги отсликува Христовите чудеса. Ете, четиридневното воскресение Лазарево ги носи со себе плодовите на тридневното воскресение Христово. Ете, вториот Претеча – Лазар, им се јави на оние што седат во мрак и во смртна сенка, навестувајќи Го Христа Избавителот, Дарителот на светлината. Денес се откри првата причина за уништувањето на адот. Денес Христос го исполнува светот со прекрасни чудеса. Денес Он, откако ја врза силата на смртта, воскреснува мртовец кој четири дена лежел во гробот. Денес Он, преку овој четиридневен мртовец, го преднапиша образот на Своето пресветло воскресение, откривајќи го неговото значење на Своите ученици, но и на целиот свет. Денес Јудеите, дојдени на гробот на Лазара, се собраа како за сведоштво. Та, гледајќи ја Христовата божествена власт и сила што Он ја има над живите и мртвите, да не помислат некако и да почнат да говорат: „Со каков знак ќе ни докажеш дека можеш да го правиш тоа?“ Тие требаше, откако ќе ја видат Неговата сила и Неговата божествената власт, да бидат готови да поверуваат во Христовото воскресение. Преку ова чудо Он повеќе сакаше да го убеди народот и да ги увери Своите ученици во Своето воскресение.

Но древниот непријател, ѓаволот, им ги ожесточи срцата на противниците. Тие говореа: „Ако овој не умре, тогаш целиот свет ќе поверува во него“. И веднаш се собраа првосвештениците и книжниците и направија совет против Него, за да Го убијат не само Исуса, туку и Лазара, заради тоа што поради него мнозина поверуваа во Исуса Христа.

Заради тоа ли, о беззаконици, вие станавте законоучители, за да се кренете против Законодавецот? Поради тоа ли се бунтувате против Бога, затоа што ве ослободи од Египетското ропство, откако го казни фараонот со многуте неволји? Затоа ли, о беззаконици, ковете завера против Него, зашто ве преведе преку Црвеното Море и во пустината четириесет години ве хранеше со небесна храна? А вие, о престапници, сега го нарековте и измамник, затоа што и мртовец ни воскресна и ни изврши секакви исцеленија. Затоа ли велите: „Измамник е“. А кога ви испраќаше храна од небото, тогаш Го благословувавте! Зарем не се срамите, о Јудејци – законопрестапници? Наместо пофалба, направивте завера против својот Создател. А требаше да Му оддадете пофалба и чест на Оној Кој дојде да го спаси човечкиот род, гледајќи дека Он воскреснува мртви и на слепите им дарува светлина, дека изгонува бесови и исцелува секакви болести!

Но да го оставиме настрана јудејското беззаконие и безумие, и да го пофалиме Лазаревото благородство, зашто Лазар стана свето живеалиште на Пресветиот Дух.

Лазар – красна фиданка на Божјата градина.

Лазар – медоносна капка на Божјата мудрост.

Лазар – извор на духовната благодат.

Лазар – неовенлив цвет на рајската градина.

Лазар – високолетен орел на вишната Премудрост.

Лазар – сокровиште на Божјото гостопримство, исполнето со љубов кон бедните.

Лазар – втор Претеча за оние што седат во темнина и во смртна сенка.

Лазар – лут посрамител на силата адова.

Лазар – мил љубимец на Христа.

Лазар – прв предобраз на тридневното воскресение Христово.

Лазар – светлозарен сожител на ангелите.

Лазар – строг изобличител на Јудеите.

Кога мноштвото народ го виде Лазара воскреснат од мртвите на четвртиот ден по неговата смрт, поверуваа во Господа и Му ја оддадоа должната почит како на свој Создател. Едни ја постилаа својата облека по патот, а други кршеа гранки од дрвјата и викаа заедно со децата: „Осана! Благословен е Оној што иде во името на Господа, Царот Израилев. Мир на земјата и слава во височините. Благословен е Оној што дојде да ја обнови човечката природа, и да го спаси загубеното“. Осана во височините на Бога, славен во три лица, заедно со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш, и во вечни векови!

Свети Климент Охридски